Економија
И официјално заврши стечајот на „Фени“, ГСОЛ најавува нови вработувања

ГСОЛ преку македонското претставништво „Еуроникел“ и официјално стана сопственик на „Фени“, а стечајната постапка е завршена. Судијката Валентина Ѓорѓиевска ја потврди одлуката што ја донесе Собранието на доверители на 4 јули со која е прифатен планот за реорганизација на „Фени“ предложен од ГСОЛ. Планот беше изгласан и прифатен со 96 постотно мнозинство од доверителите.
„Прифаќањето на планот значи конечно излегување на ‘Фени’ од стечајот и завршување на деветмесечната неизвесност за опстојување на комбинатот. Планот, којшто е поднесен од ГСОЛ/ ‘Еуроникел’ предвидува нова, светла иднина за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати. Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности“, велат од „Еуроникел“.
Реализирањето на планот за реорганизација на „Фени“ нагласуваат дека има позитивни импликации за целиот Кавадаречки Регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, „Фени“ соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на добавувачи на „Фени“ вклучува над 1000 домашни компании, чие опстојување е директно поврзано со работењето на „Фени“.
„Токму поради вака поставените приоритети во планот за реорганизација, ГСОЛ/ ‘Еуроникел’ во своите намери за ‘Фени’ доби поддршка од вработените во комбинатот, коишто со протести пред Основниот суд во Велес јасно кажаа дека не прифаќаат ликвидација на ‘Фени’ и дека својата иднина ја гледаат во планот за реорганизација. Откако ГСОЛ го изнајми комбинатот за обработка на руда, тие повторно се вратија на работа, земаат редовно плата и повторно почнаа да ја гледаат својата егзистенција во успешната работата на кавадаречкиот комбинат“, сметаат од „Еуроникел“.
И Синдикатот на индустријата за енергетиката и рударството (СИЕР) позитивно ги оцени планот за реорганизација и намерите на сега единствениот инвеститор во „Фени“, ГСОЛ/ „Еуроникел“. Синдикатот, како тело што се грижи за правата на работниците, е задоволен оти за време на стечајната постапка беа ангажирани сите работници, се настојуваше постапката да се заврши колку може побрзо и на крајот заврши со план за реорганизација кој гарантира ангажман на сите вработени со што комбинатот продолжи со работа, и тоа под услови кои се подобри од претходните. СИЕР, исто така, се изјасни дека во новиот инвеститор гледа сигурна и извесна иднина за „Фени“.
„ГСОЛ/ ‘Еуроникел’ досега инвестираше повеќе од 80 милиони евра во ‘Фени’ и во повеќе наврати ги потврди своите намери за иднината на фабриката. Инвестицијата од ГСОЛ почна со договорот за производство на никел, со кој се рестартираше производството. Оттогаш досега се произведени повеќе од 3 500 тони никел, продолжува извозот, а се ангажирани 200 локални компании кои превезуваат од пристаништето Солун и Албанија. Увезени се и над 300 000 тони руда од меѓународни рудници, потребна за преработка за редовно функционирање на комбинатот. Поради ваквиот пристап, случајот на ‘Фени’ постави нов репер за успешен стечаен процес и претставува најдобриот пример во земјава за затворање на стечајна постапка со позитивен резултат“, велат од „Еуроникел“.
За „Фени“ беше отворена стечајна постапка со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори чии побарувања беа неплатени. Како заинтересиран инвеститор ГСОЛ ги исплати доверителите и ги откупи долговите на „Фени“, и на таков начин стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по одлуката на собранието на доверители и на стечајниот судија и сопственик на „Фени индустри АД“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.