Македонија
Владата потроши 180 000 евра за прославата за поканата од НАТО
Владата потроши вкупно 179 500 евра за прославата што се одржа во саботата во 15 града низ Македонија за поканата за членство во НАТО.
„Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на 40-тина изведувачи коишто настапија во 15 градови ширум Македонија, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција, а се вкупно со сите ставки чини 11 900 евра по град или вкупно 179 500 евра за прославата ‘Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ’ во сите градови. Владата ангажираше исклучиво домашни изведувачи со кои беа склучени авторски договори за уметнички трудови, односно за музичко-сценски изведби, а изборот на градови беше определен согласно со рамномерна географска застапеност“, информира Владата.
Од таму велат дека трошоците за организацијата на настаните се скромни, по нормални пазарни цени. „За промоцијата на настаните не се потрошени средства за реклами во медиумите, ниту, пак, се потрошени какви било средства за организиран превоз на публика од едни во други градови“, велат од Владата.
Во продолжение интегрално го пренесуваме извештајот за потрошени средства:
Вкупната сума за реализација на настаните, разложена по ставки опфаќа:
1. Ангажман на 40-тина домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори со секој од нив и вкупно за сите, во сите 15 градови и настапи на домашните изведувачи чини 75 500 евра.
Во секој договор е наведено дека ангажманот е за „прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО“ со наслов „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”. Трошоците за неколкуте изведувачи кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба.
2. Сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување за 15 настани се реализирани од страна на компанија со којашто Владата на Република Македонија има склучено договор, врз основа на тендер и спроведена јавна набавка, којашто тековно врши услуги за изнајмување и ракување со опрема за аудио и видеоподдршка на настани во надворешен простор за потребите на државните институции.
Вкупната сума за сите трошоци за сцени и сценска опрема, за сите 15 места низ градовите, односно за сите 15 настани, чини 49 000 евра или околу 3 200 евра по град.
3. Сите други потреби и услуги за организација на настаните, што подразбира обезбедување на соодветна логистика, 150 редари, технички персонал, заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, чини вкупно, за сите 15 настани во градовите 35 000 евра или околу 2 300 евра по град.
За оваа ставка, преку соодветни законски постапки се спроведе тендер со три понуди за избор на најповолен понудувач, по што преку критериум најниска цена, избрана е компанија која ги реализираше услугите за организација на настаните.
4. Ангажман на лица за авторски труд за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видеопродукција, визуелизации на бините и постпродукција со вкупен износ од 20 000 евра или околу 1 300 евра по град.
Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош.
Пренос на МРТВ не се реализираше бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

