Македонија
Власта го забрза изборот на ДИК, бара изборни измени со ЕУ знаменце

Предлогот кој Владата го достави до Собранието за измени на изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК. Владата предлага ДИК да се избира со апсолутно мнозинство наместо со двотретинско како досега. Дополнително, со предложените измени се брише членот каде што е предвидено дека Комисијата за избори и именувања доставува листа од пријавените кандидати за членови и претседател на ДИК.
Во дел од образложението од Владата повикуваат и на мислење од Венециската комисија за деблокирање на демокатските процеси.
„Венециската комисија во бројни свои анализи и мислења го опфаќа и овој проблем поврзан со нефункционалноста на институциите. Таа јасно и недвосмислено наведува дека потребата од избор или именување членови на некое тело и/или носители на функции со квалификувано мнозинство не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучните институции во системот. Ова затоа што „Институциите кои не можат да функционираат не ја остваруваат нивната уставна цел и ја поткопуваат демократијата“ . Па така е клучно да постојат механизми за откочување и надминување на ваквите блокади (anti-deadlock mechanisms) со цел нормално одвивање на политичките процеси во еден политички систем“, стои во образложението.
Предлогот за измени на изборниот законик веќе е ставен на дневен ред во Собранието, на што реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека не биле консултирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.