Македонија
Џафери: Собранието нема да биде заложник на партиски интереси
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека партиите во парламентот се усогласиле и предложиле закон за измени на Изборниот законик за деблокирање на процесот за избор на ДИК, без која не може да функционира ниту една институција.
„Партиите ветија дека нема да блокираат и затоа консензуално се согласија на двотретинско. Од непознати причини партиите тактизираа. Собранието не може да биде заробеник на волјата на некои партии. Нема пречка да се излезе со овој предлог-закон ,без оглед како ќе се толкува. Собранието нема пречка да се изјасни за предлогот на Владата. Тоа не е пречка партиите да продолжат со дебата за консензуално решение Предлогот може да се повлече, но да биде јасно дека Собранието нема да биде заложник на партиски интереси“, рече Џафери.
На пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој од место дофрлаше дека Џафери држи лекции за блокирање на Собранието, спикерот му одговори: „Јас блокирав на комисија порано, но не сум ја попречил државата“.
Предлогот што Владата го достави до Собранието за измени на Изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК. Од Владата бараат измените на Изборниот законик да се гласаат по скратена постапка, но опозицијата не се согласува со овој предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

