Црна хроника
Притвор за скопјанец кој склучувал лажни купопродажни договори за возила
Кривична пријава против триесет и двегодишен скопјанец, поради основи на сомнение дека во временскиот период од месец мај, јуни и јули годинава сторил кривичнo делo „измама“. Од страна на судија од претходна постапка нему му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена .
„Пријавениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти како ополномoштено лице со полномошна и двете заверени на нотар а дадени од страна на лицето М.А. како управител на правните лица ‘Итал церамик’ ДОО од Скопје и ДПТУ „Мет трејд“ ДООЕЛ од Скопје измамил 17 лица, правејќи обврски (набавки) во име на посочените фирми, иако знаел дека двете фирми не ќе можат да ги подмират нарачаните набавки, и да ја платат купената стока и услуги. Притоа, истовремено при добивањето на полномошната, А.Љ доставил податоци од лична карта што тој претходно веќе ја пријавил за изгубена“, соопшти МВР.
Сите 17 кривични дела А.Љ. ги извршил на идентичен начин.
„Во својство на полномошник на правните лица ги навел оштетените да склучуваат и потпишуваат договори за купопродажба на половно моторно возило кај нотари во Скопје, а договорениот износ не им го платил. Исто така договорите за купопродажба на патничките возила пријавениот не ги евидентирал сметководствено во правните лица во чие име и за сметка како полномошник ги купил возилата, не прикажал обврски за плаќање по однос на склучените договори. Спротивно од тоа, А.Љ. истиот ден или наредните денови по склучување на договорите, веднаш ги препродавал возилата како полномошник на правните лица со склучување и заверување на нотарски договори за купопродажба на моторни возила со други физички лица како купувачи“, додава МВР.
Примените парични средства од продажбата на возилата обвинетиот не ги прокнижил во сметководството на правните лица, туку ги присвоил за себе, наедно оневозможувајќи им на оштетените лица на кои не им го платил договорениот купопродажен износ за возила да поведат постапка за раскинување на договорите за купопродажба на возилата поради неисплаќање на договорниот износ. Со овие измами А.Љ. се стекнал со противправна имотна корист од 4.733.700 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
На „Богородица“ откриени службени пиштоли украдени од обезбедувањето на ЈП „Паркови и зеленило“
Девет службени пиштоли биле украдени на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје. Оружјето е пронајдено во автомобил „Шкода октавија“ сопственост на правно лице од Прилеп при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп кој на 14 јануари го изнајмил возилото од компанијата и со него се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, скриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот.
По сериските броеви е утврдено дека станува збор за оружјето кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и регистрирано како службено оружје на обезбедувањето во скопското претпријатие.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик
Црна хроника
Им се заканувал на сопругата и ќерките дека ќе ги убие и запали: откриено автоматско оружје по пријава за семејно насилство во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат STEN MKII кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.
Оружјето и муницијата биле пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги известила полициските службеници кои дошле во домот по пријава дека осомничениот и се заканувал нејзе и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие.
Најпрво закани упатувал кон жената дека ќе ја запали, а потоа ја искршил покуќнината и со нож им се заканил и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Црна хроника
Провала во финансиско друштво во Карпош, одземени пари
Во текот на ноќта со употреба на сила било влезено во финансиско друштво во трговски центар во Карпош, при што биле одземени пари.
Случајот е пријавен во СВР Скопје и се преземаат мерки за негово расчистување.

