Топ
Малолетник прободен со нож во автобус на ЈСП, двајца приведени

Седумнаесетгодишно момче вчера било прободено со нож во автобус на ЈСП со број 22, во близина на Поликлиниката Ѓорче Петров. Момчето било пренесено во болница, а во врска со нападот се приведени две лица.
Според информациите на МВР, вчера околу 23,15 часот во полиција било пријавено дека во автобус на ЈСП број 22, кој сообраќал на релација Центар –Волково, во близина на Поликлиниката – Ѓорче Петров, по претходна вербална расправија на две групи, дошло до тепачка.
Дел од лицата, со нож во ногата го избоделе Н.М. (17) од Скопје. Момчето било пренесено во болницата „8-ми Септември“ каде што му била укажана лекарска помош и било пуштено дома. Потоа, Н.М. отишол во полициска станица и дал изјава за настанот. Од МВР информираат дека се приведени две лица и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Искршен штаб на СДСМ во Градско, партијата бара Тошковски веднаш да постапи

Синоќа се искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско. Според партијата, овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат МВР и Панче Тошковски да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, велат од СДСМ.
Топ
Едно лице избодено со нож пред стоковна куќа „Мост“ во Скопје, напаѓачот е уапсен

Едно лице е избодено со нож пред поранешната стоковна куќа „Мост“ во Скопје, а полицијата го уапси напаѓачот.
Според информациите на МВР, вчера вечер во 22:05 часот на плоштад „Скендербег“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода Д.С.(23) од Скопје.
Тој се сомничи дека непосредно пред тоа во близина на Соборен храм „Свети Климент Охридски“ и на бул.„Гоце Делчев“ под Стоковната куќа „Мост“ физички го нападнал Т.К.(33) од с.Долно Соње, општина Сопиште, при што употребил нож и му нанел убодни рани.
Ножот бил пронајден и одземен, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Свет
Трамп за договорот за војната во Газа: Неверојатно е, целиот свет се обедини

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Иран би можел да биде дел од поширок мировен договор на Блискиот Исток по завршувањето на војната во Газа, изразувајќи голема доверба дека неговиот план ќе доведе до траен мир во регионот, јавува агенцијата „Анадолу“.
Трамп го објави постигнувањето на мировен договор меѓу Израел и Хамас, припишувајќи го крајот на повеќемесечниот застој на „среќа“ и „талент“. Договорот би можел да го означи крајот на двегодишната војна на Блискиот Исток, јавува „Фокс њуз“.
Трамп рече дека имал многу добри разговори со Иран за она што го опиша како неодреден договор, помалку од четири месеци откако САД извршија напади врз цели поврзани со нуклеарната програма на Иран во јуни.
Според него, Иран во тоа време бил еден или два месеци подалеку од нуклеарно оружје и нагласил дека без да се спречи тоа сценарио, овој договор не би бил можен.
Зборувајќи за својот предлог за прекин на војната во Газа, Трамп нагласи дека е многу уверен дека по ова ќе се постигне поширок мировен договор во регионот.
„Ќе имаме мир. Верувам дека Иран всушност ќе биде дел од тој мировен процес. Земјите што претходно не се согласуваа сега се вклучени и тоа, искрено, го обедини целиот свет. Неверојатно е. Целиот свет се обедини, искрено. Толку многу земји за кои не би помислиле се обединија. Светот се обедини околу овој договор“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“.
Тој додаде дека работите ќе бидат многу различни на Блискиот Исток, но и низ целиот свет.
„Сите околни земји потпишаа. Мислам, сите потпишаа и тоа беше навистина неверојатно време и толку одлично за Израел, толку одлично за муслиманите, за арапските земји и толку одлично за оваа земја, за Соединетите Американски Држави“, рече Трамп. „Ова е повеќе од Газа, ова е мир на Блискиот Исток и тоа е неверојатна работа.“
Претходно Трамп објави дека Израел и Хамас ја прифатиле првата фаза од предлогот на САД за прекин на војната во Газа.
„Сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорената линија како први чекори кон силен, траен и вечен мир“, рече Трамп, додавајќи дека „сите страни ќе бидат третирани праведно“.
Официјален претставник на Белата куќа изјави за „Анадолија“ дека ослободувањето на заложниците се очекува во понеделник.
Трамп, исто така, потврди дека размислува за посета на Египет подоцна оваа недела, по планираната посета на воената болница „Волтер Рид“ во петок.
Според Палестинската власт, израелските операции во Газа од октомври 2023 година убиле речиси 67.200 Палестинци, претежно жени и деца, а енклавата е речиси целосно уништена.
Американскиот претседател рече дека по спроведувањето на мировниот план, Газа ќе стане многу побезбедно место и дека земјите од регионот ќе помогнат во неговата реконструкција.
„Ќе бидеме вклучени за да им помогнеме да успеат и да одржат сè мирно – и мислам дека ќе биде мирно“, заклучи Трамп.
Фото: ЕПА