Македонија
Заев во Мостар: Никој сам не успеал, потребно е да си помагаме
Претседателот на Владата, Зоран Заев, присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, Mostar Peace Connection, на што имаше свое обраќање како минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба за мир“ за промоција на соработката, градењето мостови и поврзувањето меѓу луѓето во својата земја, Македонија, регионот и светот.
Заев им честита на годинашните добитници на наградата, премиерите на Грција и на Црна Гора, Алексис Ципрас и Душко Марковиќ. Посочи дека успесите на Македонија се должат на неговото храбро лидерство, но и на пријателската соработка во регионот и принципиелната поставеност на меѓународната заедница, што резултира со покана за пристапни преговори на нашата држава во НАТО и најава за датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.
„Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите и самиот да стане мост поврзувајќи се со други лидери што им мислат добро на своите граѓани. Никој сам не опстанал и сам не успеал. Човек на човека му е потребен, но и сосед на сосед, држава на држава. Тоа е светот, мотивирачки, охрабрувачки различности во едно, кои се надополнуваат и на тој начин се развиваат и придонесуваат за развојот на другиот. Ни лидерите од регионот го направивме ова за што зборувам. Се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што нè дели и го дофативме она што нè поврзува“, рече Заев во обраќањето пред присутните.

Тој додаде дека ако регионот е стабилен, и Европа ќе биде стабилна, безбедна и развиена. Првиот човек на Владата додаде дека по ланското освојување на оваа награда чувствува одговорност и верба дека вреди да се градат мостови и да се развиваат пријателства.
„По мирната разврска на политичката криза, ние сме посветени кон должноста Владата да биде сервис на граѓаните и да ги реализира промените што ги избраа граѓаните. Резултатот на тие промени е се повисок животен стандард, економски просперитет, членство во Европската Унија и НАТО“, истакна Заев.
Настанот што се реализира во повеќе делови од Мостар, Стариот мост, Чаршијата, Џамијата го одбележа богатство од разни етноелементи низ носии, храна, песни, меѓу кои можеше да се слушнат и македонски песни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

