Регион
Се пребројуваат жртвите, се трага по исчезнатите во пожарите во Грција
Грчките пожарникари изутринава продолжија со потрагата по исчезнатите во пожарите што ја зафатија околината на Атина, каде што настрадаа 74 лица, а 187 се повредени.
Пожарите избувнаа во близина на одморалиштето во Мати на 40-ина километри од Атина и набргу се проширија и на околните места поради силниот ветер што дувал со јачина од 100 километри на час.
Пожарникарите со помош на полицијата и на доброволци во текот на вчерашниот ден ги евакуираа жртвите барајќи ги исчезнатите и луѓето што останаа заробени во своите домови или во автомобилите. 187 лица се хоспитализирани, од кои десет се во сериозна здравствена состојба, а 11 деца се полесно повредени.
Во Грција постои стравување дека бројот на жртвите ќе достигне трицифрен број. Населбите погодени од пожарот се без вода и електрична енергија. Спортската сала во населбата Рафина од вчера е адаптирана за да им се обезбеди покрив над главата на сите оние што останаа без своите домови.
Грчката влада донесе вонредни економски мерки за настраданите во пожарите. Министерството за финансии одвои 20 милиони евра за потребите на општините и граѓаните што беа директно погодени, ќе се отвори специјална банкарска сметка од Министерството за донации, а за настраданите предвидени се даночни олеснувања. Кога ќе се регистрираат материјалните штети, грчката влада ќе објави дополнителни пакет-мерки за поддршка на семејствата на жртвите и на оние чии домови беа уништени.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој вчера се врати од Босна и Херцеговина за да ја следи ситуацијата на самото место, прогласи тридневна жалост во земјата. Помош до Грција испратија голем број земји, меѓу кои Шпанија, Франција, Израел, Бугарија, Турција, Италија, Португалија и Хрватска.
Македонската Влада донесе одлука да испрати финансиска помош во висина од шест милиони денари до Владата на Република Грција за справување со катастрофалните пожари што овие денови ја зафатија пошироката околина на главниот град Атина. Дополнително, Владата донесе одлука да формира координативно тело, кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.
За пожарите во Грција повеќе информации на следниот линк:
(Од минута на минута) Властите стравуваат дека бројот на жртви во Атина ќе надмине 100
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

