Македонија
Османи: Европската банка е наш значаен партнер во имплементацијата на реформите на Македонија
Во просториите на Секретаријатот за европски прашања заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со претставници на Европската банка за обнова и развој.
На средбата беше презентирана новата Стратегија за соработка помеѓу Македонија и ЕБОР за 2018-2023, статусот на имплементација на проектите финансирани од страна на ЕБОР, како и активностите што се преземат во иднина во рамките на заедничката соработка.
Претставниците на ЕБОР истакнаа дека во нацрт-верзијата на новата Стратегија за соработка со Македонија за периодот 2018-2023 се идентификувани приоритетните области кои ќе бидат во фокусот на соработката со нашата земја во наредниот период. Во овој контекст вицепремиерот Османи потенцираше дека стратешките приоритети на соработката на ЕБОР со Македонија за периодот 2018-2023 се во согласност со програмата на Владата и агендата на ЕУ во кои е планирана поддршка на конкурентноста и регионална интеграција.
Османи додаде дека соработката помеѓу Македонија и ЕБОР дополнително е интензивирана преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ), како дел од Агендата за поврзување. Овој инструмент внесе видлива дополнителна динамика на процесот на Европска интеграција во регионот на Западен Балкан преку кој земјите можат да аплицираат за добивање грант-средства за техничка помош и инвестиции за имплементација на проекти финансирани со заеми од меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори во секторите: енергетика, транспорт, животна средина, како и социјалниот и дигиталниот сектор.
Вицепремиерот Османи изрази благодарност за поддршката од ЕБОР, со чија помош преку ВБИФ досега Македонија има добиено околу 102 милиони евра инвестициски грант-средства за инфраструктура, од кои 82 милиони евра (12 милиони евра за проектот „400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан) и 70 милиони евра за „Проект рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII – трета делница (Крива Паланка – Деве Баир, граница кон Р Бугарија)“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

