Македонија
(Видео) Заев: Лошите позиции на листите за иновативност и корупција се резултат на политичката криза
Премиерот Зоран Заев лошите позиции на Македонија на светските листи за иновативност и корупција ги препиша на политичката криза во државата. Ѓорчев рече дека е срамно адвокатот на Заев да го вади од притвор градоначалникот на Ново Село, кој доби казна од 18 месеци за шверцување цигари. Заев на ова одговори дека градоначалникот е негов личен пријател ама ќе си одговара, а тоа ќе биде за пример на другите.
„Се обидуваме да ги унапредиме позициите. Не очекувам падови на позициите за 20 места. Борбата против корупцијата е императив за Владата. Секој ден тоа го покажуваме. Она што е промена на ментален склоп на правосудството е исто така она што го правиме за законот да важи за сите. Рак рана е корупцијата. Ќе работиме на тоа додека не ја откорениме”, рече Заев одговарајќи на прашање од Ѓорчев, кој обвини дека Македонија има драстично лоши позиции на овие полиња.
Лошите проекти довеле на падот на БДП, смета Заев, кој рече дека очекува поголеми позиции во вториот квартал и додаде дека буџетот има пари. Планираниот раст од 3,2 проценти ќе биде постигнат. Во делот на иновативност, Заев рече дека првпат во Македонија домашните компании добиваат помош.
„Сите фирми што ги исполнуваат условите имаат право да учествуваат”, рече Заев, кој ги поздрави фирмите што ги повлекле пријавите бидејќи удел имал носител на власт.
Ѓорчев ја обвини власта дека најмалку родени деца има од кога дошла новата власт.
„Никогаш не се родени помалку деца. Министерството за труд и социјална политика нема абер да понуди проекти. Во 2019 година ќе биде повторно намален бројот, и тоа на 20 000 бебиња”, рече Ѓорчев.
Ѓорчев го праша Заев дали ако паднеме за 10 места на листата од „дуинг бизнис” листата, ќе ги разреши Тевдовски и Анѓушев.
„Кризата влијае на резултатите. Не го разрешивме Никола Груевски кога Македонија падна за 80 места. Јас очекувам раст, тоа е разликата”, одговори Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

