Црна хроника
„Пајакот“ за еден ден подигнал 82 возила
Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои две со лесни телесни повреди и пет со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица добиле лесни телесни повреди.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека 56 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 19 возачи, од кои: пет возачи затоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 13 возачи управувале возила без да стекнат право за управување моторно возило и еден возач затоа што биле возач почетник.
Четворица возачи се санкционирани поради поминување крстосница на црвено светло, по еден возач поради неправилно престигнување и недавање првенство на минување пешаци, а по тројца затоа што не дале првенство на минување на возила во зона на крстосница и поради неносење заштитен шлем (кацига). Исто така, исклучени од сообраќај се и 12 возила бидејќи биле нерегистрирани. Во текот на изминатиот ден издадени се 84 мандатни платни налози, а 82 возила се подигнати со „пајак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Угинато куче со пена на уста најдено на улица во Кавадарци, ќе постапува обвинител
Угинато куче било пронајдено доцна синоќа на улица во Кавадарци, по насока на јавен обвинител телото било однесено на обдукција, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.
– Синоќа во 22:15 часот во ОВР – Кавадарци, од Здружението за заштита на животни било пријавено дека на улица „Димката Ангелов – Габерот“ во Кавадарци има мртво куче со пена на устата. По насока на јавен обвинител, телото на кучето било подигнато од ветеринарен лекар и однесено во ветеринарна станица за вршење обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР – Велес.
Црна хроника
10-годишно девојче тешко повредено од заталкан куршум во Глумово
Десетгодишно девојче од скопското село Глумово вчера било повредено од заталкан куршум. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што е пренесено, лекар констатирал тешки телесни повреди во пределот на ногата.
За случајот, кој бил пријавен вчера околу 16 часот во СВР Скопје, денеска информира Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.
-На 31.01.2026 околу 16:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во двор од куќа во с.Глумово, Скопско, од заталкано зрно било повредено 10-годишно девојче, во пределот на ногата, по што било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде од страна на лекар констатирани му биле тешки телесни повреди, информира МВР.
Министерството за внатрешни работи презема мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Охриѓанец приведен откако со дрвен предмет и нож нападнал сограѓанин
Полициски службеници од СВР Охрид синоќа, на 31 јануари 2026 година во 23:20 часот, го лишиле од слобода Г.А. (49) од Охрид, по пријава за насилен инцидент што се случил на улицата „Марко Нестороски“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот најпрвин со дрвен предмет го нападнал Р.С. (40) од Охрид, по што извадил нож и замавнал кон него. Со брза интервенција на полицијата, напаѓачот бил приведен, со цел спречување на понатамошна ескалација на насилството.
По целосно документирање на настанот, против Г.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, согласно законските прописи.

