Македонија
За викенд сончево со мала облачност, попладне услови за дожд
Сончево со умерена облачност. Попладне облачноста ќе се зголемува и ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд и грмежи.
Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. УВ-индексот ќе изнесува 8. Минималната температура од 14 до 22, а максималната од 28 до 34 степени.
Скопје претпладне сончево, попладне со услови за слаб дожд и ретки грмежи. Температура од 20/32 степени.
Потоа продолжува периодот на променливо облачно време со локален пороен дожд и грмежи. Кон средината на наредната седмица се очекува извесно стабилизирање на временската состојба. Дневната температура ќе бележи благ пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски: СДСМ е обединета и силна партија, секогаш на браникот на татковината
Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Кочани им порача на присутните дека СДСМ е силна партија, која секогаш била на браникот на татковината, подготвена да се бори за граѓаните и иднината на државата.
„Оваа партија, на чело со Киро Глигоров, ја внесе Македонија во Обединетите нации. Со СДСМ, Македонија во 2005 стана земја – кандидат за членство во ЕУ. СДСМ, заедно со вас граѓаните го сруши режимот на ВМРО, режим кој 11 години ја блокираше нашата европска иднина. СДСМ и граѓаните се заслужни што Македонија стана рамноправна членка на НАТО, а СДСМ и коалиционите партнери се исто така единствено заслужни што Македонија пред 2 години ги започна преговорите со ЕУ. Сите овие беа тешки, но правилни одлуки за Македонија. Не се откажавме ни тогаш и нема да се откажеме и сега“, изјави Ковачевски.
Ковачевски вели дека тоа биле тешки, но правилни одлуки за Македонија и дека и сега како и тогаш, нема да се откажат од визијата за европска Македонија, со европски животен стандард, почитување на европските вредности и европските правила на игра.
„ Не се откажавме и во изминатите неколку години, за време на тешка здравствена, енергетска и економска криза, не ги оставивме граѓаните на цедило во ниту еден момент. Ниту еднаш. И покрај кризите ги зголемивме платите двојно, а пензиите за над 50%, ги заштитивме работните места, заштитивме 80.000 работни места во 20.000 компании во кои вие работите, обезбедивме 2,6 милијарди евра за антикризни мерки и ги заштитивме најранливите групи на граѓани. Не се откажуваме од Македонија во ЕУ! За тоа говори и тоа што нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма“, вели Ковачевски.
Ковачевски додава и дека ќе работат на зголемување на платите и пензиите, на создавање на поволности на младите, но и дека планирааат рекордна помош за земјоделците, во висина од 1.35 милијарди евра.
„ Но има една работа која ја знаете и вие ја знам и јас а тоа е дека мора да има конечна и одлучна борба против злоупотребите, неправдите и системската корупција од која не можеме да кренеме глава повеќе од 30 години. И од тоа нема да отстапиме Или ќе воведеме ред, еднаквост и правда за секој подеднакво, без разлика дали е премиер, министер, пратеник, директор или обичен граѓанин. Или тоа или нема да нè биде! СДСМ е современа, прогресивна партија и единствена политичка сила која вистински може да ја однесе Македонија во Европската Унија“, порачува Ковачевски и додава дека Македонија мора да чекори по европскиот пат, затоа што тоа единствениот начин за суштински промени во државата.
Македонија
Битиќи: Први во регионот според слободата на медиумите – затоа да гласаме за бројот 1
„Не смееме да ја изгубиме слободата која ја градевме овие 7 години. Денес сте слободни и гласно може да се изразите, да критикувате, да не се согласувате. Тоа е ваше право за кое заеднички се изборивме. Тешко го спечаливме, но сега на 8-ми мај треба заеднички да го сочуваме“, им порача на жителите на скопската општина Гази Баба, Фатмир Битиќи потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборната единица 2.
На граѓаните со кои се сретна попладнево, тој им посочи дека потврда за слободата во Македонија денес пристигна од „Репортери без граници“, според чиј индекс нашата држава е рангирана на 36-тото место во однос на слободата на медиумите во светот, а први сме во регионот.
„Во 2016 година бевме на дното, рангирани на 118-то место. Тогаш слободно кажаниот збор се казнуваше, медиумите беа цензурирани, граѓаните беа манипулирани. Зошто? Затоа што никој не смееше да ги праша како од една „жолта куќичка“ успеаја да изградат Бела палата, зграда од седум ката вредна 40 милиони евра. Затоа потребен им е медиумскиот мрак, за криминалот, корупцијата и личното богатење да не го гледаат граѓаните“, рече Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ, им нагласи на граѓаните дека слободата им го отвора патот кон квалитетен живот, им дава можност да бидат иновативни и креативни во животот.
„Слободата е во темелите на праведното и правично општество. Затоа на 8-ми мај треба да размислите дали ќе гласате за Коалицијата за европска иднина, за бројот 1 или пак, казнувајќи не’ нас, ќе го дадете својот глас за тие кои 11 години не’ држеа сите нас во мрак додека си ги полнеа џебовите со нашите пари. Затоа, не казнувајте ги вашите деца, заедно со нас бидете чувари и промотори на слободата во европска Македонија“, порача потпретседателот на СДСМ, Битиќи.
Македонија
Куче паднало во шахта и ги изгризало каблите за интернет на две болници: ЦУК за невообичаената акција во Скопје
ЦУК информира за невообичаена и како што велат, специфична ситуација за решавање на итен случај на 112, кога куче паднало во шахта и ги изгризало оптичките кабли па без интернет биле дел од ПЗУ „Филип Втори“ и цела Поликлиника „Букурешт“, а мајсторите не можеле веднаш безбедно да интервенираат.
Кучето кое денеска паднало во шахтата ги изгризало оптичките кабли на „Македонски Телеком“ и без интернет од утрово, од околу 08.00 часот, останале дел од ПЗУ „Филип Втори“ и цела Поликлиника „Букурешт“ во Скопје. Но, по јавувањето на 112 во ЦУК, специфичната невообичаена ситуација почнала да се решава, при што вработените од Телеком не можеле безбедно да пристапат за решавање на дефектот во шахтата.
Дежурните од Секторот Е-112 и секторот СОК во ЦУК, бидејќи бил неработен ден не можеле да стапат во контакт со ЈП „Лајка“ од Скопје, па, покрај предвидените оперативни процедури, го премостиле проблемот. Тие ги поврзале активистите на Граѓанска иницијатива „Кане Корзо“ со вработените од Телеком за понатамошна заедничка постапка.
Потоа, кога завршило успешно и безбедно вадењето на кучето од шахтата, вработените од „Телеком“ се симнале и безбедно почнале да работат на отстранување на дефектот.
Не се знаело колку време кучето било паднато во шахтата, тоа било безбедно извадено и згрижено од активистите, информираат од ЦУК.