Вести
Прв состанок на ’квартетот за Сирија’ во Виена

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави оти се надева дека следниот петок е можно да се одржи нов поголем меѓународен состанок за решавање на судирот во Сирија, додека неговиот руски колега Сергеј Лавров оцени дека по состанокот на ткн „квартет за Сирија“ во петокот во Виена претставниците на САД, Русија, Турција и Саудиска Арабија, се согласни дека решавањето на ситуацијата во оваа блискоисточна криза треба да се одвива според ткн Женевски договор од пред повеќе од три години.
„Денеска договоривме со сите страни дека ќе се обидеме можеби веќе следниот петок да се одржи поширок состанок со надеж во покренување на политичкиот процес со цел да се реши сирискиот судир“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери за новинарите, пренесува AFP.
„Целта на состанокот на четирите земји за Сирија во Виена беше обид да се пронајдат нови идеи за излегување од ќорсокакот на оваа граѓанска војна“, додаде Кери признавајќи дека учесниците се свесни дека тоа ќе биде тешко.
„Имаме заеднички цели, денеска ги потврдивме, и во тоа нема никакви сомневања – да се запре војната, поефикасна борба со терористите кои се закануваат да ја заземат земјата и поактивно и поефикасно да се промовира политичкиот процес врз принципите кои беа договорени во Женева на 30-ти јуни 2012 година“, изјави Лавров за агенцијата ТАСС по средбата на која учествуваа и шефовите на допломатиите на Турција и на Саудиска Арабија, Ферудун Синерлиоглу односно Адел ал-Џубејир.
„Многу е важно што сите наши партнери денеска, и американските, и турските и саудиските, ја потврдија приврзаноста на Женевскиот договор… Во кој е јасно кажано дека сите политички реформи треба да бидат решени преку широк дијалог, во кој ќе биде претставен целиот спектар на сириското општество, и владата и опозицијата, и оти одлуките треба да се засноваат на заемна согласност. Тоа е клучот на успехот“, заклучи Лавров.
Едно од суштинските прашања во кои се разликуваат САД и Русија е иднината на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Вашингтон и неговите европски и сунитски сојузници сметаат дека мир не може да се постигне доколку на власт е Асад и оти процесот на политичка транзиција треба да се одвива без него. Москва, пак, смета дека во дијалогот меѓу завојуваните сириски страни треба да учествуваат сите политички фактори, и оти за иднината на Асад мора да решава само сирискиот народ.
Кери, и покрај разликите во ставовите, виенската средба ја оцени како конструктивна. Прецизираше дека засега не станува збор Иран да учествува на идниот дипломатски состанок, додека Лавров рече дека е потребно да се прошири списокот и на други земји, при што го вклучува Иран, а особено ги издвојува и постојаните членки на Советот за безбедност при ОН, како и регионалните фактори како Египет, Катар, Јордан и Обединетите Арапски Емират. Сепак, Лавров истакна дека не треба во недоглед да се проширува таа листа.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, која допатува во Виена поради состанокот на квартетот за Блискиот исток, изјави дека се надева дека Иран ќе може да биде дел од преговарачкиот процес за Сирија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.