Македонија
(Видео) Поглаварот на ИВЗ наплаќал визи за Саудиска Арабија што ги добивал бесплатно од амбасадата, тврди Зекири

Поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ наплаќал 400 евра за визи за Саудиска Арабија кои тој ги вадел бесплатно, тврди пратеникот Мухамед Зекири. Според пратеникот, контактите што Реџепи ги воспоставил со конзуларните преставништва биле преку ексвладата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Побарав од СЈО да види дали поглаварот на ИВЗ разговорал со тогашната власт. Како основа го земам извештајот на американскиот Стејт департмент кој се однесува на верските слободи од 2013 година во кој експлицитно се посочува дека тој бил близок со тогашната власт, која му овозможила конзуларни контакти со Саудиска Арабија, а визите што ги добивал ги наплаќал по 400 евра. Ова укажува на тоа дека поглаварот на ИВЗ, Сумејман Реџепи, ја злоупотребил службената должност“, вели Зекири.
Пратеникот Зекири вели дека има многу луѓе кои ги потврдуваат неговите сомнежи бидејќи во Саудиска Арабија секоја година одат по стотици луѓе на кои им било наплаќано за виза од страна на Реџепи. Реџепи исто така вмешал прсти и во процесот за денационализација на имотот на ИВЗ.
„Спорно е и неговото враќање на чело на ИВЗ. Тој си се прогласи за доживотен поглавар иако тоа не е пракса во исламската вера“, додава Зекири.
Иституциите ќе ја проверат работата на поглаварот Сулејман Реџепи, вели Мухамед Зекири, кој смета дека никој не смее да се крие зад својата позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори депонијата „Вардариште“, соопшти ЦУК

На територијата на државата евидентиран е еден пожар на отворен простор до 18:00 часот, соопшти ЦУК.
Според последните информации од центарот, гори депонијата „Вардариште“ во Општина Гази Баба.
Македонија
МВР со апел за фер и спортско навивање: било какви навреди ќе бидат најстрого санкционирани

Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски миленици, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
„Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки. Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок.
Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција. Само спортското фер навивање и бодрење може да ни донесе успеси, победи и спортски радости.
Македонија
Со ВМРО-ДПМНЕ исчезнува македонската култура, велат од СДСМ

Љутков и ВМРО-ДПМНЕ ја оставаат спомен-куќата на Петре М. Андреевски да скапува, тоа е нивниот патриотизам, велат од СДСМ.
Срамно е, болно и понижувачки за целата држава, додаваат од опозициската партија, кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк.
„Но тоа е резултатот кога министерот Љутков ја зголемува ставката за патувања и репрезентации на сметка на буџетските средства наменети за заштита на културното наследство.
Оваа спомен-куќа, оваа меморијална постановка во Слоештица, беше создадена токму во време на владеење на СДСМ – со јасна намера: трајно да се сочува споменот на творецот на „Пиреј“, творецот кој ја однесе Македонија до светските книжевни височини.
А денес? Денес тоа светилиште на македонската литература е оставено на забот на времето, игнорирано од министерот Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои инаку постојано се повикуваат на „чување на македонскиот идентитет“.
Ова, според СДСМ, не е обична негрижа, туку културен вандализам под раководство на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги красат бините со зборови за традиција, а ја пустошат суштината на нашата културна меморија. Ги споменуваат Карев и Делчев за дневно-политички поени, а го забораваат Петрета – кој ја воспеваше Македонија не со знамиња, туку со збор.
Оваа небрежност е културно предавство. Денес е Петре, утре ќе биде некој друг. А кога ќе ја снема културата- ќе ја снема и државата. Затоа СДСМ бара итна реакција, без разлика на кого е надлежноста, и спомен-куќата на Петре М. Андреевски да се стави под државна заштита и за истата да се обезбедат средства за одржување“.
Очигледно истакнуваат од СДСМ, ова е новата културна политика со која власта докажува дека не ја цени ниту државата ниту делото и ликот на нашите великани.
„Ако не знаете кој е Петре – прашајте ги учениците. Тие сè уште читаат „Пиреј“.
Ако не знаете што значи држава – прашајте нè нас. Зашто држава се гради со заштита и чување на културната посебност, а не со заборав.