Култура
Комисијата за култура со заклучоци за Охрид, активистите за заштита на градот на протест
Врз основа на исказите од сведоците, како и дополнително добиените информации, мислења и документи, Комисијата за култура на вчерашната седница усвоила повеќе заклучоци што се однесуваат на заштита на Охрид, додека неколку здруженија на граѓани денеска во 11 часот пред Лагадин почнуваат протест за ненавремена реакција на надлежните и, како што велат, натамошно узурпирање и уништување на градот.
Алармот за итна реакција и на собраниската комисија и на охридските активисти го вклучи Унеско, кога лани предупреди дека градот Охрид може да биде избришан од листата на заштита ако не се спроведува законската регулатива и ако не се спречи уништувањето и негрижата што се спроведува поради неимплементирање на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, донесен во 2010 година.

Надзорната расправа на Комисијата за култура за Охридскиот Регион се одвивала во три продолженија на тема „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на Унеско за заштита на природното и културно наследство“ и на последната расправа вчера се усвоени 24 заклучоци според кои треба да се постапува.
„ Иако во 2010 година Собранието го донесе Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, истиот не се имплементирал во практиката. Надлежните институции на централно и локално ниво не постапувале согласно со Законот. Не била формирана Комисија за управување со Охридскиот Регион; Планот за управување со Охридскиот Регион почнал да се изработува во 2015 година, и како нацрт-план е во финална фаза, но истиот не бил официјално усвоен; не била изготвена Стратегиска оценка за влијанието врз животната средина; не биле донесени Деталните урбанистички планови за 19-те урбани комплекси во старото градско јадро на Охрид и урбанистичко- планска документација за крајбрежјето; не бил изготвен инвентар на нелегални градби во рамки на Доброто; не била направена ревалоризација на листата на природно и културно наследство во рамки на Доброто; не билe утврдени границите на Доброто итн. Поради тоа, во Извештајот на реактивната мониторинг мисија на Унеско (април 2017 година) се наведува дека, доколку државата до крајот на 2019 година не ги исполни препораките на Комитетот на Унеско, Охридскиот Регион може да биде ставен на Листата на светско природно и културно наследство во опасност“, заклучила надзорната комисија.

Во заклучоците се наведува дека повеќегодишното несоодветно управување со Охридскиот Регион, непочитувањето или честите промени и неусогласености во законската регулатива релевантна за Доброто, потоа, предложените големи инфраструктурни проекти (од кои ски центарот Галичица, патот А3 и туристичките крајбрежни зони се стопирани со одлука на Владата на Република Македонија од 13 февруари 2018 година) и делумно реализираните градежни проекти во рамки на Доброто, како и неприменувањето на последователните препораки во извештаите на Унеско од 2010 година до денес, го загрозија природното и културното наследство во Охридскиот Регион заштитен од Унеско.

Загрижени за состојбите во заштитеното подрачје, на иницијатива на невладините организации Фронт 21/42 и НДИ Македонија, во февруари 2017 година, во Собранието на Република Македонија се формираше неформална група, Пратеници пријатели на Охридскиот Регион, која, имајќи ја предвид претходната иницијатива за надзорна расправа на парламентарната опозиција во 2016 година, се заложи во Собранието да се отвори надзорна расправа за Охридскиот Регион.
Се укажува на Владата на Република Македонија да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на Унеско (април 2017), со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион, сè до донесување на потребните планови (План за управување со Доброто, граници на Доброто, инвентар на природното и културното наследство, подобрување на релевантните законски одредби и друго).
Меѓу другите заклучоци комисијата за култура ќе иницира формирање на интерресорска работна група.
„Во интерес на заштитата на универзалното Добро, се укажува Владата на Република Македонија во најкус можен рок да обезбеди ефикасно функционирање на колекторскиот систем во Охридското Езеро; затворање на сите диви депонии во Охридскиот Регион и изградба на современа санитарна регионална депонија. На Министерството за транспорт му се укажува на потребата од интервенција во членот 59-ѕ од Законот за градење, бидејќи истиот е во колизија со Законот за просторно и урбанистичко планирање кој треба да е основ за изработка на урбанистичко планска документација“, стои во заклучоците, повикаат надлежните во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето.
АКТИВИСТИТЕ ДЕНЕСКА НА ПРОТЕСТ, БАРААТ МОРАТОРИУМ НА СПОРНИТЕ ГРАДБИ
По минатогодишниот протест, кој се одржа на 2 август пред градилиштето на спорниот хотел во Лагадин, денеска во 11 часот граѓани и активисти за заштита на охридското крајбрежје повторно ќе се соберат на истото место. Од таму, тие ќе тргнат во протестна поворка за заштита на целото крајбрежје од непланска урбанизација и девастација, и по попатни застанувања кај Горица, Св. Стефан и Студенчишко Блато, ќе пристигнат пред Општина Охрид каде што заедно со граѓаните кои ќе се приклучат од Охрид, со почеток во 12:00 часот ќе одржат протестен перформанс.

Мирниот протест, организиран од Охрид SOS и здружението „Стар Лагадин“ и поддржан од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на Унеско поради уништувањето на крајбрежјето и езерото со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем.
„Во одбрана на можеби најважното и највредното обележје на земјата, еден од нејзините најзначајни заштитни знаци, единственото место со Унеско-статус, организаторите на овој настан бараат да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на Унеско – прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи и додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола“, повикуваат тие.
Преку овој протест, граѓаните бараат од Општина Охрид итно да се заложи за прогласувањеа мораториум според препораката на Унеско, како и да се заложи за поништување на Општиот акт за с. Лагадин најмалку преку стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови и преку известување на Уставниот суд за својата заложба.
Организаторите на овој настан ги повикуваат сите оние кои не се согласуваат со урбаното и еколошко насилие врз Охридскиот Регион да дојдат и заедно, преку еден симболичен чин – протестен перформанс – гласно и на повеќе светски јазици да ги повикаат надлежните во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

