Економија
Бектеши: Косово ги повлече зголемените царини за овошје и зеленчук од Македонија

Косовската влада ја укина во целост одлуката за зголемените царини, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Аргументите што на петочниот состанок во Приштина му ги презентирав на мојот колега, министерот за трговија и индустрија, Бајрам Хасани, а во врска со одлуката на косовското Министерство за трговија и индустрија од 18 јули годинава, со која се воведоа царини од 30 отсто за увоз на овошје и зеленчук на 21 производ, на мое големо задоволство вродија со плод и штотуку добив информација дека мерката е укината“, соопшти министерот.
Како што информира Бектеши на прес-конференцијата, ова е уште една потврда за добрите односи меѓу двете земји. Одлуката треба да се спроведе од утре кога претходно косовските власти ќе испратат официјално писмо до своите царински служби.
„Ваквата одлука не им одговараше на нашите земјоделски производители бидејќи стануваше збор за сезонски производи на кои отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар“, појасни министерот.
Тој потсети дека по писмената реакција и по најавата за состанокот во Белград, следуваше измена во одлуката од косовска страна, со која мерката остана да важи за 7 производи, и тоа домати, пиперки, јаболка, грозје, круши, сливи и малини.
Бектеши на прес-конференцијата упати благодарност до косовската страна и порача дека дијалогот е начин за решавање на проблемите, а истакна и дека Македонија е земја што иницира и поддржува меѓусоседска и регионална соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.
Економија
Од полноќ поскапуваат бензинот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,00 отсто во однос на одлуката од 20 јуни.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 6,182%, кај дизелот за 2,172%, кај екстра лесното масло за 6,442% и кај мазутот зголемувањето е за 2,609%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1578%.
Од 24.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,687 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.