Македонија
Заев-Братушек: Поддршка од Словенија за евро-атлантските аспирации на Македонија

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ја примил во посета поранешната премиерка на Република Словенија, Аленка Братушек, придружувана од словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец, соопшти владината прес-служба.
„Заев ги истакна исклучително високите пријателски односи меѓу Македонија и Словенија кои во изминатиот период, за неполна година, добија посебен интензитет во еден особено значаен момент кога се решаваше политичката криза во земјата и кога беа направени пресудните чекори во процесот за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО. Тој на средбата информира за актуелниот политички момент и за претстојните политички процеси, со посебен осврт на претстојното организирање на референдумот, на кој граѓаните ќе се изјаснат за договорот со Република Грција како за чекор кон полноправното членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО“, соопшти Владата.
Поранешната премиерка на Словенија, Аленка Братушек, во рамките на средбата нагласи дека нејзината земја целосно ги поддржува и останува силен застапник на аспирациите на Македонија во евро-атлантските процеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Тепачка меѓу советници во Општина Кочани

Советници денеска се степаа на седницата на Советот на Општина Кочани.
Како што објави Радио Кочани на паузата настанал хаос помеѓу двајца советници, а интервенирала и полицијата.
На видеото се гледа како едниот од нив фрла предмет и погодува една од вработените во Општината во глава.
Македонија
(Видео) Мургашанска од СДСМ: Димитриевски ме тужи затоа што јавно го обелоденив неговиот криминал

Откога му ги откривме сите скандали на Максим Димитриевски, откога јавно проговоривме за сите сомнежи за коруптивни шеми со парцели и станови, за криминал и лично богатење, градоначалникот на Куманово сака да нѐ замолчи, изјави Анита Мургашанска, советничка во Советот на Град Скопје од СДСМ.
Наместо да даде одговори и отчет пред граѓаните, наместо да одговара, додаде таа, Максим Димитриевски поднел тужба дека бил навреден и наклеветен.
„Но, замислете, тужбата е за мои говори во Советот на Општина Куманово. Димитриевски се плаши од вистината и затоа сака да ја забошоти, да ги прикрие злоупотребите и да го замолчи сите што му се спротивставува и јавно му ги обелоденуваа“, рече Мургашанска.
„Јас како одговорна советничка сум гласот на граѓаните, јавно зборувам за скандалите и за сомнежите за криминал на Максим Димитриевски и така и ќе продолжам. Јасно му порачувам дека нема ниту да ме уплаши ниту да ме замолчи“, рече таа.
Мургашанска најави дека СДСМ ќе продолжи да ја разобличува секоја негова злоупотреба и ќе бара институционална реакција од надлежните.
„Мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски. Како Димитриевски и неговиот кум заработиле 350.000 евра? Институциите мора да дадат одговор? Како тоа Димитриевски добил стан од 97 квадратни метри во центарот на Куманово за само 2.500 евра?“, праша таа.
Македонија
Муцунски во Месина: Интеграцијата на земјата во ЕУ е генерациска заложба

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, вчера и денес учествуваше и се обрати на министерската конференција по повод одбележувањето на 70-годишнината од Конференцијата во Месина, која се одржа во Таормина, Италија. Конференцијата ги обедини министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство.
Во своето обраќање, министерот Муцунски подвлече дека процесот на интеграција на земјата во ЕУ претставува генерациска заложба и сеопфатен потфат за општествена трансформација и демократски и социоекономски напредок.
„За нас, членството во ЕУ е генерациска инвестиција – наш најамбициозен проект на трансформација, преку кој нашата демократија созрева, економијата расте, а општеството станува поправедно и поотпорно. Улогата на европската интеграција отсекогаш била клучна – двигател на промените и засилена соработка меѓу нас и со нашите европски соседи. Искрено верувам дека за нас и за регионот, тоа е единствениот одржлив пат што може да гарантира мир, просперитет и демократски напредок.“, истакна Муцунски.
Тој ја реафирмираше цврстата посветеност на земјата кон забрзување на евроинтегративниот процес со цел стекнување полноправно членство во ЕУ, во согласност со јасно дефинираните пристапни критериуми и стандарди.
„Европската ориентација и вредности на нашето општество се јасни, и покрај бројните предизвици и неправди во текот на нашето децениско патување. Она што сега го очекуваме е предвидлив процес на пристапување – патека што ќе ни овозможи да ја постигнеме целта врз основа на јасни критериуми и заслуги, а не на билатерализација и идентитетски отстапки“, додаде тој.
Муцунски ја потенцираше и важноста од поголема предвидливост и динамика во интеграцијата на Северна Македонија и земјите од регионот во ЕУ, укажувајќи на потребата од уште поголема одлучност и единство на европско ниво во актуелниот геополитички контекст.
Во рамки на дводневната конференција беше усвоена и заедничка декларација со која се потврдува стратешката важност на проширувањето на Унијата како инструмент за стабилност, раст и соработка на континентот и во неговото соседство.