Свет
Ердоган навести дека Турција повторно ќе ја воведе смртната казна
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, навести дека Турција набргу би можела повторно да ја воведе смртната казна.
Присуствувајќи на погребот на жената која со своето единаесетмесечно бебе беше убиена при експлозија на бомба во близина на границата со Ирак, Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да се бори против курдските бунтовници кои турските власти ги сметаат одговорни за нападот.
Жената на 24-годишна возраст загина вчера со синот во експлозија на бомба поставена покрај патот кога се враќаше од посета на сопругот, наредник во турската војска. Таа загина на местото на настанот, а детето им подлегна на повредите во болница.
Ердоган на погребот во градот Сивас во централна Турција рече дека борбата против забранетата Курдска работничка партија ќе продолжи сè додека постои макар и еден терорист.
Одговарајќи на повиците на собраните да се воведе смртна казна, турскиот претседател истакна дека нема да се двоуми да ја одобри најстрогата казна доколку парламентот усвои таков закон. Тој додаде дека чекорите што Турција ги презема по тоа прашање се блиску.
Во Турција немало погубување од 1984 година. Земјата и официјално ја укина смртната казна во 2004 година во рамките на напорите да се приклучи кон Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Огромна армада плови кон Иран, времето истекува
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на социјалната мрежа Truth Social објави дека „огромна армада“ од американски воени бродови е на пат кон Иран, со порака дека Техеран мора брзо да седне на масата за преговори и да преговара за „фер договор без нуклеарно оружје“.
„Огромна армада плови кон Иран. Се движи брзо, со голема моќ, ентузијазам и цел. Тоа е поголема флота, предводена од големиот носач на авиони Abraham Lincoln, од онаа испратена во Венецуела. Како и со Венецуела, таа е подготвена, спремна и способна брзо да ја заврши својата мисија, со брзина и насилство, доколку е потребно“, објави Трамп.
*Се надевам дека Иран брзо ќе „седне на маса“ и ќе преговара за фер и праведен договор – БЕЗ НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ – договор што е добар за сите страни. Времето истекува, навистина е критично! Како што еднаш му реков на Иран, ПОДГОТОВЕТЕ ДОГОВОР! Тие не го направија тоа, а имаше и „Операција полноќен чекан“, големото уништување на Иран. Следниот напад ќе биде многу полош! Не дозволувајте ова да се случи повторно. Ви благодарам за вниманието по ова прашање! Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП.“
Пораката на Трамп дојде неколку часа откако тој во говорот во Ајова објави дека „уште една прекрасна армада“ е на пат кон Иран, но не прецизираше за кои сили станува збор.
Трамп претходно изјави дека се надева на дипломатско решение со Иран, нагласувајќи ја важноста на конструктивните преговори меѓу страните пред „да истече времето“.
фото/depositphotos
РЕ-Дигитал
Нов систем со вештачка интелигенција од Хонг Конг предвидува бури и обилни дождови четири часа однапред
Тим научници од Хонг Конг разви систем за временска прогноза наречен DDMS кој користи технологија на вештачка интелигенција (ВИ) за да предвиди бури и обилни дождови до четири часа пред да се случат.
Системот ќе им помогне на владите и службите за итни случаи поефикасно да реагираат на зголемената фреквенција на екстремни временски настани поврзани со климатските промени, изјави денес тим од Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг (HKUST).
„Се надеваме дека ќе можеме да користиме вештачка интелигенција и сателитски податоци за да го подобриме нашето предвидување на екстремните временски услови, за да можеме подобро да се подготвиме“, рече Су Хуи, професор на Одделот за градежно и еколошко инженерство на универзитетот, кој го водеше проектот.
„Целта на системот е да предвидува обилни дождови“, рече Су на прес-конференција.
Развиен во соработка со метеоролошките власти на Кина, системот ги ажурира своите предвидувања на секои 15 минути и има зголемена точност за повеќе од 15 проценти, потврди тимот.
Нивната работа е клучна за Хонг Конг и Кина, кои се соочија со надпросечен број тајфуни и дождови во 2025 година.
Градот го издаде своето највисоко предупредување за врнежи од дожд пет пати минатата година, а второто највисоко предупредување 16 пати, што е невидено ниво, рекоа метеоролошките власти на Хонг Конг, кои работат со Кина за да го применат новиот модел во нивните прогнози.
фото/Depositphotos
Свет
Демант од Братислава: Фицо ја негира приказната за „опасниот“ Трамп
Словачкиот премиер Роберт Фицо решително ги негираше наводите на пробриселскиот весник „Политико“ дека наводно изразил загриженост за менталната состојба на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат медиумите во регионот.
Фицо реагираше на својот Фејсбук профил, истакнувајќи дека тврдењата на овој медиум се неточни и злонамерни.
„Морам решително да ги отфрлам лагите на „Политико“ за тоа како ја оценив мојата средба со Трамп во Брисел“, рече словачкиот премиер.
Тој нагласи дека за време на неформалниот самит на Европската унија, одржан минатата недела во Брисел, воопшто не зборувал за разговорите со американскиот претседател, ниту пак разговарал за оваа тема со ниту еден лидер на земјите-членки на ЕУ. Според него, тврдењата дека им пренел лични впечатоци за Трамп на своите европски колеги се целосно неосновани.
Фицо оцени дека „Политико“ се обидува да ги поткопа конструктивните односи на Словачка со другите земји и дека, како што изјави, овој медиум е меѓу оние кои борбата за националните интереси и изразувањето на сопствените ставови го сметаат за „злосторство“. Додаде дека, поради ваквите ставови, често е цел на критики од редакцијата на овој весник.
„Политико“ денес, повикувајќи се на неименувани европски дипломати, објави дека Фицо наводно изразил загриженост за психолошката состојба на американскиот претседател на маргините на самитот во Брисел. Според овие изјави, по личната средба со Трамп на 17 јануари во неговиот имот Мар-а-Лаго, словачкиот премиер го опишал однесувањето на американскиот лидер како „опасно“ и „надвор од разумот“.

