Црна хроника
Кривични за лекар и пациентка кои со лажни документи сакале да извлечат пари од осигурителна компанија во Австралија
Охридската полиција до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична против засега непознато лице вработено во Охридската општа болница, под сомнение дека сторило кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“. Покрај тоа, кривична е поднесена и против 60-годишна жена од Демир Хисар под сомнение дека била поттикнувач за вршење на кривичното дело.
Имено, непознатиот медицински работник подготвил фалсификувани лекарски исправи кои ѝ ги предал на второпријавената за таа да ги употреби во осигурителна компанија во Перт, Австралија, за рефундирање на трошоци од наводно лекување од труење со храна.
Како што информираат од СВР-Охрид, засега непознатото лице, иако знаело дека во периодот од август до септември минатата година жената немала лекарски третман во болница, свесно, на празен лист хартија ѝ ставило службен печат на болницата и составило лажна лекарска потврда со целосно внесена лажна содржина за наводно лекување и одредена терапија на жената од Демир Хисар во Одделението за внатрешни болести.
Лажната исправа била заверена со службен факсимил од доктор интернист и со службен печат од Одделението за внатрешни болести.
Дополнително, на име на жената, која е второпријавената во случајот, непознатото лице изготвило и лажен документ каса-прими, во која бил внесен лажен износ од 81 000 денари за наводна наплатена услуга за лекување, која била заверена со истиот печат од Одделението за внатрешни болести.
Второпријавената од Демир Хисар за време на престојот во Македонија, во договор со непознатиот медицински работник со намера да оствари противправна имотна корист за себе, со умисла го поттикнала да направи лажни лекарски исправи и ги употребила во осигурителна компанија во Австралија како вистински, прикажувајќи дека во текот на 2017 година ѝ било дијагностицирано труење со храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

