Македонија
(Видео) Светска недела на доењето: Се истражува употребата на мајчиното млеко во лекувањето канцер
Во последна фаза се истражувањата кои покажуваат дека мајчиното млеко содржи супстанца која може да помогне во лекувањето на малигните болести, вели во интервју за „Макфакс“, проф. д-р Аспазија Софијанова , претседател на Здружението на педијатри и раководител на Одделот за интензивна нега на Детската клиника. Во рамки на одбележувањето на Светската недела на доењето, Софијанова говори за предностите и бенефитите од доењето, за мајчиното млеко како природен антибиотик, како и за препораките за ексклузивно доење во првите шест месеци од раѓањето на детето.
-Светските истражувања покажуваат дека делови од мајчиното млеко може да послужат доколку се екстрахираат и се употребат за лекување на одредени малигни болести, особено кај канцер на кожа, но тоа е во фаза на истражување. Порано , знаете со мајчино млеко постарите лекувале рани, конјунктивитис… Медицината бара студии од повеќе држави и потоа се собираат резултати , веќе сме во последните фази да докажеме, за кои одредени болести ќе може да помогне, а за кои досега немало лек, вели Софијанова.
Во Македонија официјално се уште нема отворено банка за мајчино млеко која е особено потребна за предвреме родените деца, но и за бебињата чии мајки не се во можност да ги дојат.
-Има мајки кои го оставаат млекото во специјални фрижидери и преку сонда го даваме или преку шише за да детето го прими екстрактот од млекото што има најмногу липиди и јаглехидрати потребни за растот и развојот на детето во инкубатор, но и за секое дете. Во банката за млеко веќе е пастеризирано и тоа се прави специјализирано. Такво нешто има веќе Институтот за неонатологија во Белград, а постепно и ние правиме обиди да направиме банка за млеко кое нема да биде само за одредена релација мајка-дете туку и за мајките кои немаат млеко. Со тоа природниот антибиотик ќе се овозможи и за другите деца, потенцира д-р Софијанова.
Во однос на доенечката смртност, Софијанова оценува дека влијаат многу фактори. Тоа според неа, е одраз на економскиот стандард на државата, а потенцира и дека е потребно допрецизирање на регулативата. Смртноста на новороденчињата ќе биде и една од темите на првата Балканска школа за педијатри која ќе се одржи во Скопје од 12-16 септември, во организација на Здружението на педијатри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите уште еднаш порача дека средба со криминалци нема да има и дека техничката влада мора да остане, затоа што, таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес.
Филипче нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
Во аргументацијата зошто техничката влада мора да остане, Филипче посочи дека таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
Причината, е што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели.“
„Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на кривичниот закон кои што одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“
Како дополнителен аргумент за потребата од техничка влада, Филипче посочи и конкретни примери.
„Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е една причина зошто мора да има техничка влада.“
Тој предупреди и на опасностите од партизација и злоупотреба на полицијата.
„Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“ и дека „со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, при што „секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата и процесите во земјата.“
Филипче потенцираше дека „само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“ и дека е потребна и како институционална рамнотежа: „Техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс.“
Во делот за дигиталниот надзор, Филипче предупреди на ризиците од нерегулираните системи.
„Легализација на масовен надзор, преку системот Safe City, со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните“, и нагласи дека „технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби“ за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата.
СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“

