Македонија
Отстрането дискриминирачкото известување за родилките во струмичката болница

Болницата за гинекологија и акушерство никогаш не вратила ниту една родилка која немала документи, и секоја, независно дали е венчана или не, во рок од 36 часа добива извод за новороденчето, изјави за „Макфакс“ директорот на струмичката болница, Наќе Гогов, кој вели дека известувањето дека родилките мора задолжително да понесат извод од венчаните е утрово отстрането.
Според него, известувањето за кое имаше бурни реакции на социјалните мрежи и беше протолкувано како дискриминирачко го ставил некој од вработените веројатно без да размисли убаво за содржината.
„Струмичката болница е дел од проектот ‘Добредојде бебе’ и најодговорно тврдам дека никогаш не се случило некоја родилка да биде вратена бидејќи не поседува некој документ. Болницата на сите, без исклучок дали се венчани или не, во рок од 36 часа им издава извод на новороденчињата. Сметам дека известувањето беше протолкувано надвор од контекстот, но се согласувам дека не е соодветно напишано и утрово го тргнавме“, ни рече Гогов.
Имено, написот на кој вчера имаше бурни реакции на социјалните мрежи го содржеше следниов текст: „Пациентките кои доаѓаат на Акушерско одд. за породување ЗАДОЛЖИТЕЛНО со себе да донесат извод од венчаните“.
Во интегралното известување што го испратија до нашата редакција а од кое е изваден спорниот текст пишува: „Се известуваат сите родилки дека нашата болница е дел од Проектот на Министерството за здравство ‘Добредојде бебе’ и секоја родилка најдоцна 36 часа по породувањето може да поднесе да ѝ биде издаден извод за новороденчето преку болницата. За сите информации може да се обратите кај одделенската сестра на Акушерија или кај администраторот на Мој термин на 076/787-020 (Коле). Потребни документи за издавање извод на новороденче се: Копија од извод на венчани / копија од извод на родени од мајката (ако е самохрана мајка), копија од лична карта на двајцата родители (или копија од пасош), платежна картичка (од која се наплаќаат 50 денари за извод и 100 денари административна такса).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)