Свет
Трамп во твит ги објави санкциите против Иран, но ѝ се заканува и на Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп напиша на „Твитер“ дека се донесени нови санкции против Иран, но истовремено ѝ се закани на Европската Унија дека Америка ќе престане да работи со неа.
– Санкциите против Иран се официјално воведени. Ова ќе бидат најостри санкции, а во ноември тие ќе достигнат уште повисоко ниво. Секој што има бизнис со Иран нема да работи и со САД. Јас само барам светски мир, ништо помалку од тоа – напиша Трамп.
The Iran sanctions have officially been cast. These are the most biting sanctions ever imposed, and in November they ratchet up to yet another level. Anyone doing business with Iran will NOT be doing business with the United States. I am asking for WORLD PEACE, nothing less!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) August 7, 2018
Првиот сет на американските санкции против Иран, кои беа омекнати по постигнувањето на нуклеарниот договор со Техеран, стапи на сила рано утринава врз основа на извршна наредба на претседателот на САД.
Овој сет санкции се однесува на финансиските трансакции во долари, иранската автомобилската индустрија, како и на купување комерцијални авиони и метали, вклучувајќи и злато, пренесува АП.
Санкциите поврзани со иранскиот нафтен сектор и Централната банка треба да стапат во сила во ноември.
Американските санкции дополнително ќе ги влошат односите и со Европската Унија.
Европската комисија вчера соопшти дека, и покрај американските санкции, европските компании ќе продолжат да работат со Иран под заштита на Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Костадинов од Бугарија нападнал автомобил мислејќи дека во него е Урсула фон дер Лајен

Во неделата, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, престојуваше во посета на фабриката за оружје во бугарскиот град Сопот, лидерот на националистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, бил снимен како блокира влез на автомобилот за кој демонстрантите верувале дека се наоѓа таа внатре.
Според извештаите, Костадинов, кој претходно повикувал Бугарија да излезе од НАТО, организирал демонстрации со друга националистичка партија пред фабриката „Вазов“, противејќи се на европскиот пат на Бугарија и барајќи заштита на националниот суверенитет.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите со бугарски и руски знамиња го опкружуваат автомобилот, кој потоа почнува да се движи, но е неколку пати удрен со транспарент. Костадинов се расправа со полицијата, додека демонстрантите продолжуваат да го блокираат возилото со повици „нацисти“ и свирежи.
Не е јасно дали претседателката била во автомобилот за време на инцидентот. Костадинов подоцна тврдел дека фон дер Лајен во фабриката во Сопот пристигнала со хеликоптер, а не со автомобил.
Партијата „Преродба“ редовно организира протести против ЕУ и бара Бугарија да излезе од Унијата, а нејзините приврзаници претходно ја вандализирале и делегацијата на ЕУ во Софија, фрлајќи црвена боја и обидувајќи се да запалат врати, пренесе „Б92“.
Претходно беше објавено и дека авионот во кој претседателката на Европската комисија леташе за Бугарија остана без ГСП-навигација и мораше да слета со помош на хартиени мапи. Тројца службеници запознаени со инцидентот изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека се сомневаат во руско попречување.
Свет
Германскиот министер контра Фон дер Лајен: Фундаментално е погрешно да се зборува сега за распоредувањето сили во Украина

Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, денес ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, поради јавно претставените планови за испраќање мултинационални сили во Украина како дел од долгорочни безбедносни гаранции.
Писториус изјави дека е „фундаментално погрешно“ да се разговара за такви опции пред мировните преговори.
„Европската Унија нема никаква одговорност ниту надлежност кога станува збор за распоредување на сили. Би се воздржал од потврдување или коментирање на такви размислувања на било кој начин“, рече министерот пред новинарите во објект на одбранбената индустрија во западногерманскиот град Тројсдорф.
Тој потврди дека владите размислуваат што би било можно „под кои услови и ограничувања“.
„Но мислам дека е целосно погрешно јавно да се дискутира за тоа во овој момент“, додаде Писториус.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, фон дер Лајен изјави дека Европа прави „доволно прецизни планови“ за распоредување на мултинационални сили во Украина.
Претседателката на Комисијата рече дека плановите би можеле да вклучат десетици илјади војници од европските земји, со поддршка од САД во области како разузнавање и командување.
Фон дер Лајен нагласи дека силните гаранции се „од најголема важност“ за заштита на Украина од идни руски напади и за зачувување на безбедноста на цела Европа.
Таа исто така ја поздрави подготвеноста на американскиот претседател Доналд Трамп да обезбеди она што го опиша како „безбедносна гаранција слична на член 5“ за Киев.
Идејата за стационирање на западни сили во Украина предизвикува длабоки поделби. Франција и Велика Британија разговараат за ова прашање, САД и земјите членки на НАТО, како Полска, ја исклучија можноста за испраќање трупи, додека некои земји се уште не се одлучни.
Свет
Трамп: Индијците сега понудија да ги намалат царините на нула, но доцна е

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Индија понудила да ги намали царините за американската стока на нула. Изјавата на Трамп доаѓа откако индискиот премиер Нарендра Моди јавно покажа солидарност со кинескиот и рускиот лидер, соочен со трговскиот притисок од Вашингтон.
Нарекувајќи ја врската меѓу САД и Индија „едностранa“, Трамп на својата платформа „Тру Соушал“ напиша: „Сега понудија да ги намалат царините на нула, но веќе е доцна. Требаше тоа да го направат пред многу години.“
Индијското амбасадорство во Вашингтон не одговори веднаш на коментарите на Трамп, кои следеа по воведувањето на вкупни царини до 50 проценти на индиска стока, што отвори прашања за иднината на американско-индијските односи.
Трамп го напиша тоа на „Икс“ во моментот кога Моди на самит во Кина се сретна со повеќе од 20 лидери на незападни земји од Шангајската организација за соработка, иницијатива што ја поддржува Кина, а која доби нов замав со глобалната царинска офанзива на Трамп.