Македонија
Финансиска тврди дека Јакимовски и уште четворица службеници го оштетиле буџетот за речиси 600 илјади евра

Петстотини и деведесет и пет илјади евра или 36.634.675 денари е оштетен буџетот од страна на поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и уште четири лица, соопшти финансиската полиција која ги гони за три јавни набавки.
Финансиската полиција освен против Јакимовски поднесе кривична и за раководителот на секторот за Јавни набавки (М.Д.), помошник-раководителот на секторот за финансиски прашања (Н.Н), раководителот на одделението за норматива во правниот сектор (С.М.) и раководителот на одделението за сметководство (А.С.), кои се гонат за злоупотреба на службената положба.
Од финансиската полиција велат дека Јакимовски во својство на градоначалник во 2012 и 2013 година во име и за сметка на Карпош спровел две постапки за јавни набавки, иако знаел дека правното лице „Алконпроект“ ДООЛ Тетово не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот.
– Наместо да го раскине договор и да ја активира и наплати банкарската гаранција на понуда согласно со Законот за јавни набавки, С.Ј. му дозволил на изведувачот да почне со вршење на активностите согласно со договорите, и потоа поради неквалитетно и ненавремено извршување на работите ги раскинал договорите со изведувачот, со што му овозможил да стекне противправна имотна корист на име на необезбедени и неплатени банкарски гаранции за квалитетно извршување на договорот, во износ од 911.166 денари, а на штета на буџетот на општина Карпош.
Јакимовски, како што тврди финансиската полиција, му дозволил на изведувачот да почне со градежните активности, без одобрение за градење, без решение за локациски услови или идеен проект и без обновен изведбен проект, а му давал и усни инструкции на изведувачот за реализација на поголеми количини од предвидените во техничката спецификација, како и позиции што не биле предвидени, со што му овоможил да се стекне со имотна корист во висина од 32, 878,275 денари на штета на буџетот.
Јакимовски се гони и за постапка за партерно уредување на сквер во Жданец во 2016 година. Од финансиската полиција велат дека правното лице ДГПТУ „СМ компани“ ДОО Св. Николе не доставило банкарска гаранција, иако било предвидено согласно со тендерската документација, а Јакимовски го потпишал договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.
Македонија
Градоначалниците од Западен Балкан ја основаа алијансата Green mayors во Драч

Градоначалниците од 19 општини од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја формираа Алијансата на „зелени“ градоначалници – регионална платформа за забрзување на зелената транзиција преку општинско лидерство и прекугранична соработка.
Потпишувањето се одржа во рамки на Форумот на „зелени“ градоначалници во Драч, организиран од OSF–WB (Фондација Отворено Општество – Западен Балкан). Настанот собра над 100 учесници – градоначалници, претставници на училишта, граѓански организации и експерти за енергетика.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на панел-дискусијата истакна:
„Проектот ‘Сончеви училишта’ и слични иницијативи покажуваат како промените можат да започнат на локално ниво. Општината работи на повеќе зелени решенија, како воведување електричен јавен превоз и изолација на стари згради. Нашата цел е да ги подготвиме граѓаните за праведна и одржлива иднина.“
На конференцијата беше посочено дека Битола е меѓу водечките општини во регионот според бројот и квалитетот на реализирани проекти за енергетска ефикасност и зелени решенија.