Култура
Претфестивалски „Полски пикник“ во Музејот на современата уметност во Скопје
На деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ програмата „Земја во фокус“ ќе биде посветена на полската документаристика. Токму затоа, заедно со Филмската фондација „Краков“ и Амбасадата на Република Полска, на 11 август (сабота), од 17 до 23 часот, ќе се одржи настанот „Полски пикник“ во Музејот на современата уметност во Скопје.
Филмската програма на настанот содржи десет кратки документарци, кои од 1961 до 2000 година биле наградени на Филмскиот фестивал во Краков, Полска, фестивал што набргу ќе ја одбележи својата 60-та годишнина.
Отворањето на програмата „Земја во фокус: Полска“ на годинешниот „Македокс“ со неколку зборови за полската документаристика, со мало освежување и полска музика, ќе се биде во 17 часот, а потоа ќе следуваат две филмски тури.
Во 18.30 часот – прва тура кратки документарни филмови (89’) во киносалата на МСУ:
– „Музичари“ на Казимјеж Карабаш, награден со „Златен змеј“ во 1961 г. (9’)
– „На пруга“ на Бохдан Косињски, награден со „Златен коњ“ во 1971 г. (11’)
– „Основно училиште“ на Томаш Зигадло, награден со „Златен змеј“ во 1971 г. (16’)
– „Коса“ во режија на Марек Пивовски, награден со „Златен коњ“ во 1972 г. (17’)
– „Болница“ на Кшиштоф Кишловски, награден со „Златен змеј“ во 1977 г. (20’)
– „Седум жени на различна возраст“ на Кшиштоф Кишловски, награден со „Златен коњ“ во 1979 г. (16’)
Од 21 часот – втора тура кратки документарни филмови (79’) пред МСУ:
– „Буквар“ на Војцех Вишњевски, награден со „Златен коњ“ во 1981 г. (8’)
– „Сцени од животот на човекот“ на Бохдан Ѕиворски, награден со „Златен змеј“ во 1983 г. (20’)
– „Сешто може да се случи“ на Марсел Лозињски, награден со „Златен змеј“ во 1995 г. (39’)
– „Сестри“ на Павел Лозињски, награден со „Златен коњ“ во 1999 г. (12’)
22:30 часот – Журка со полска музика
Претфестивалскиот настан „Полски пикник“ се случува во соработка со Филмската фондација Краков, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Филмската и видеопрограма на Музејот на современата уметност – Скопје. Влезот е слободен.
Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе биде отворено на 16 август и ќе трае до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Слугинките“ на Агнес Нокшиќи и ВР перформанс вечерва на МОТ
Текст и танц низ 15 сцени, вешто споени во кореографско – драмско дело кое ја има улогата на театарско огледало, во кое не само што ќе се огледаат „Слугинките“ на Жан Жане, туку режисерката Агнес Нокшиќи овозможува да се огледа и секој еден од публиката.
Приказната го истражува сложениот однос љубов-омраза помеѓу две слугинки, госпоѓа и господин. Заробени во циклуси на ропство и фантазија, слугинките копнеат по слобода, но остануваат врзани од своите желби и угнетувачката динамика на моќта.
„Текстот „Слугинките“ е избран поради сложените односи на моќ, желби и постојано менување на улогите, што отвора богат простор за истражување. Материјалот дозволува игра, претерување, промена на енергиите и слободно движење меѓу фикцијата и реалноста. Делото ја открива тенката линија меѓу сериозност и апсурд, создавајќи можност за продлабочена креативна работа и силна перформативна изразност“ – открива режисерката Нокшиќи.
Како и во животот, некои го користат своето страдање не како рана, туку како оружје, извртувајќи ја својата жртва во контрола, манипулирајќи, заплашувајќи – барајќи сочувство, а не покажувајќи никаква.
Во ова театарско огледало секој се одразува, па можеби некои ќе се препознаат себеси, а другите ќе погледнат настрана, а пак некои ќе откријат дека нивниот стисок никогаш не бил толку силен како што замислувале.
Претставата ќе се случи во МКЦ – клуб ресторан, а во неа играат Арбнора Адеми, Блендон Ахмети, Доника Ахмети и Агнес Нокшиќи.
Меѓудругото, вечерва на 50.МОТ ќе се одржи и ВР перформанс, проект на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а во продукција на Ехо Анимато (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин), премиерно изведена во Берлин, мај 2025, спојувајќи ја технологијата и активизмот за преосмислување на театарот како простор за еколошка и емоционална поврзаност во рамките на проектот PROSPER кофинансиран од Европската Унија.
„Ехо од длабочината“ е имерзивен ВР перформанс што поетски ја истражува еколошката ранливост на Охридското Езеро – едно од најстарите езера во Европа, но и најбогато со биодиверзитет. Спојувајќи виртуелна реалност и жива перформативност, делото ја поканува публиката да нурне под површината во кревкиот подводен свет и да се замисли над односот меѓу човекот и природата. Создадена во рамки на меѓународна резиденција со осум уметници, изведбата обединува дигитална слика, звук и телесно раскажување приказни, поттикнувајќи емпатија и еколошка свесност. Перформансот завршува така што публиката ќе има можност да испрати лични пораки до граѓаните на Охрид, создавајќи симболичен мост на прекугранична солидарност.
Во него играат Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Благој Веселинов.
Култура
Гала концерт во Националната опера и балет со светски познатата оперска дива Инва Мула на 28 ноември
На сцената на Националната опера и балет на 28 ноември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, ќе се одржи Гала оперски концерт на кој ќе настапи светски познатата оперска дива Инва Мула, заедно со Дешира Амети-Крлиу (сопран), Исмет Вејсели (тенор) и оркестарот на МОБ, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев.
Инва Мула, сопран е едно од најистакнатите имиња на современата оперска сцена. Родена во уметничко семејство во Албанија, таа многу рано го започнува своето музичко образование, истакнувајќи се како исклучителен вокален талент со лирска прецизност и емоционална длабочина. Во текот на својата блескава кариера настапувала на најпрестижните оперски сцени во светот, вклучувајќи ги Париската опера, Миланската Скала и Метрополитен опера, во соработка со врвни диригенти и режисери.
Нејзиниот уникатен и препознатлив глас ѝ донесе светска популарност и надвор од оперската уметност: таа го позајми својот глас за ликот на Дивата во култниот научно-фантастичен филм „Петтиот елемент“ (1997).
На програмата на концертот се вклучени избрани дела од оперската класика на Џузепе Верди, Лео Делиб, Џакомо Пучини, Жорж Бизе, Жак Офенбах и други автори.
Култура
Нов роман на Венко Андоновски, различен од сè што напишал досега – „Александар јава на запад“
Во издание на Издавачки центар ТРИ денес пристигна најновото дело на Венко Андоновски, „Александар јава на запад“.
Андоновски е автор, меѓу другото, на 2 книги поезија, 3 книги раскази, 5 романи, 1 прирачник за креативно пишување, 18 изведени театарски пиеси и 1 сценарио за игран филм. И покрај целиот овој опус, „Александар јава на запад“ не припаѓа во ниту една од овие категории. Станува збор за фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост и пародиски означена со жанрот „чекајќи роман“.
Со овој „нов жанр“ Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени.
Содржината на романот го следи текот на еден необичен настан – оживуваат два споменика на скопскиот плоштад, оној на Александар и оној на Гоце Делчев, па тргнуваат да видат како денес изгледа светот.
Од Издавачки центар ТРИ најавуваат промоција на почетокот на декември, со очекување дека и оваа книга ќе стане популарна како неговите останати остварувања, што го прави еден од најчитаните домашни автори во Македонија. „Папокот на светот“ досега е печатена во 15 000, а „Вештица“ во 11 000 примероци.
„Кандид во земјата на чудата“ беше на репертоарот на Драмски театар цели седум години, со над сто изведби. Со оглед на тоа што е напишан со динамика што потсетува на сцена и се чита како да се гледа, се очекува дека и овој роман ќе добие слично, ако не и поголемо внимание и ќе изврши големо влијание, со потенцијал да биде препознаено и надвор од нашата книжевна сцена.
Венко Андоновски е веќе преведен на десетина јазици, меѓу кои на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски.

