Македонија
Град Скопје: Поради брзото размножување, наместо два, прскањето против комарци ќе трае четири дена
Град Скопје реагира по обвинувањата за комарците. Од Градот велат дека поради зголемените врнежи во изминатиот период, се создала поволна клима за нивно брзо размножување, па одлучиле третото авионско прскање, наместо два, да трае 4 дена, почнувајќи од утре, а копненото прскање да трае од понеделник до петок.
„Како и претходно, така и сега, Град Скопје секоја година извршува поголем број наврати на земјено (терестрично) и авионско прскање против возрасните форми на комарци, како и против ларвите од комарци. Град Скопје досега ги заврши првите две прскања против возрасни форми на комарци, како и ларви од комарци, а прскањата се направени од авион и од земја. Првото прскање траеше од 3 до 16 јули, односно од 3 до 7 јули се прскаше од земја, а на 7 и 8 јули се прскаше од авион против возрасни форми на комарци. На 14 и 16 јули се прскаше против ларви од комарци. Второто прскање го почнавме на 21 јули и траеше до 7 август, односно со авион се прскаше на 21 и 22 јули, а од земја од 22 јули до 26 јули против возрасни форми на комарци. Против ларви од комарци се прскаше на 6 август од авион, а на 7 август од земја“, велат од Градот.
Додаваат дека надвор од ова продолжено и засилено прскање, Град Скопје ќе изведе уште две прскања против комарци, кои се планирани кон крајот на август и на почетокот на септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
НСП во заштита на приватниот бизнис на Мицкоски, велат од СДСМ
Претседателот на СДСМ денеска беше јасен. СДСМ го поддржува денешниот протест на работниците и Сојузот на синдикати на Македонија и сите нивни барања за покачување на платите, соопштија од партијата.
СДСМ, додаваат од таму, ќе продолжи принципиелно да ги поддржува барањата на секоја група граѓани на кои им е потребна помош.
„Нашите членови, како дел од синдикатите, можат автентично да учествуваат во протестите, но СДСМ нема и нема да даде организирана, партиска поддршка.
Протестите мора да останат автентичен израз на незадоволството на работниците, исто како што и нивната организација е автентична и независна“.
Во времето на СДСМ, како што наведуваат во партиското соопштение немаше потреба од протести по улиците, платите континуирано растеа, дури и во најголемите економски и здравствени кризи а владата работеше во интерес на сите граѓани а не на поединци со скапи часовници.
„Парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Рекацијата на НСП е само во заштота на приватниот бизнис на Мицкоски.
Драго ни е што еден по еден излегуваат на виделина и го покажуваат своето вистинско лице. Сега граѓаните знаат кој сè работи за скапите часовници на Мицкоски.
Листата станува сè подолга“.
Македонија
(Видео) Левица: Не помина законот за укинување на РКЕ, власта одби да ѝ даде ингеренции на министерката за енергетика
Владеачкото мнозинство на ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ денес не го изгласа предложениот закон од Левица за укинување на Регулаторна комисија за енергетика, со кој се предвидуваше префрлање на сите нејзини инеренции на Министерството за енергетика со што би се воспоставила директна политичка одговорност за цените на енергенсите, соопштија од партијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање оцени дека енергетската сиромаштија не е личен, туку политички проблем и резултат на институционални решенија кои не го штитат јавниот интерес. „Ова е политичко фијаско. Не е ничиј личен неуспех ако не може да ги плати сметките на крајот на месецот. Тоа е структурна неправда“, рече тој.
Обраќајќи му се на претседателот на Собранието и на пратениците, Мециновиќ потсети дека на минатата седница министерката за енергетика изјавила дека нема доволно ингеренции за да реагира на ценовните шокови.
„Ајде денес да му дадеме ингеренции на Министерството за енергетика. Ајде да му дадеме политичка одговорност“, побара пратеникот.
Според Мециновиќ, паралелно, постоењето на Министерство за енергетика и РКЕ создава институционално дуплирање, а никој не одговара за високите сметки. „Не може да имаме две институции, а кога ќе се зголемат сметките никој да не е одговорен“.
Како поткрепа за предложениот закон со кој треба да се укине РКЕ Мециновиќ наброја низа пропусти на регулаторот, нагласувајќи дека оваа комисија не само што не го штити јавниот интерес туку и директно работи во полза на крупниот капитал. Според него РКЕ не ја штити јавната сопственост и државната енергетска компанија ЕСМ, која бележи рекордни долгови; дозволува ЕСМ да продава електрична енергија по цена од 65 евра за мегават-час што е под производната цена, додека приватни компании остваруваат рекордни профити; овозможува паушално фактурирање и наплата без месечно отчитување; никогаш јавно не ги објаснила формулите и коефициентите за пресметка на цената на електричната енергија; работи со недемократски статут кој им забранува на членовите јавно да дебатираат, а јавноста слуша само став на претседателот; ги менува цените на нафтените деривати во корист на приватниот капитал, а не на граѓаните; дозволува инвестиции на приватни инвеститор да се префрлаат како трошок во цената на струјата; никогаш не ја отворила јавно темата за загубите во дистрибутивната мрежа; издава дозволи за фотоволтаици без обезбедени компензациски капацитети, што довело до колапс во електроенергетскиот систем и воведе паушална мрежарина за домаќинствата со која граѓаните плаќаат и кога не трошат.
„Со паушалната мрежарина, шест илјади домаќинства плаќаат околу 200 денари месечно, што значи стотици милиони евра добивка за приватниот оператор без реална потрошувачка“, рече Мециновиќ.
Левица со предлог – законот бараше целосно укинување на РКЕ и префрлање на нејзините ингеренции под Министерство за енергетика, со цел Владата и министерката за енергетика да бидат директно отчетни пред Собранието и граѓаните.
„Доста е од сиви еминенции. Ако денес одбиете политичка одговорност таа ќе ви се враќа преку секоја следна сметка“, порача Мециновиќ.
Македонија
Бојан Маричиќ избран за нов претседател на Државната изборна комисија
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за правда во Владата на СДСМ, Бојан Маричиќ, е избран за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Собранието денес со 83 гласа „за“ ги избра членовите на новиот состав на Државната изборна комисија. За потпретседател е избран Абдуш Демири, а за членови на Комисијата се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.
Маричиќ доаѓа на местото на Борис Кондарко, кој, исто така, беше предлог на СДСМ.
Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.

