концерти
Ансамблот на „Игњац Фукс“ ја воодушеви публиката со класична и неокласична музика
Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди синоќа ансамблот на „Игњац Фукс“ во црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на фестивалот Охридско лето.
На програмата беа Квинтет Г-мол од Сергеј Прокофјев, Свита за трио за кларинет, виолина и пијано од Александар Арутиунијан, Квартет од Иван Мулер, како и Трио за обоа, виола и контрабас, дело на Јохан Михаел Хајдн.
– Делата се од различен период, но станува збор за класична и неокласична музика. Конкретно, за Квинтетот од Сергеј Прокофјев, се работи за несекојдневна музика, напишана за балетска група во 1929 година и од тој балет е редуциран квинтетот. Доста драматична музика, доста хаотична, но на моменти прекрасна, а на моменти возбудлива, така како што треба да биде музиката – вели познатиот контрабасист Илин Диме Димовски.

Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава специјално по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.
– Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но, од друга страна, на овие простори недостига ваков ансамбл од мешовит тип кој може да се приспособува на каков било концерт и настан – додава уметникот Димовски.
Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска, хрватскиот уметник Хрвоје Филипс, кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски, кој работи во Загрепската филхармонија, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонската пијанистка Јана Павловска-Молц, која живее и работи во Чикаго.
– Многу ми е драго што сум дел од еден ваков состав направен од фантастични уметници. Сите живееме на разни простори и настапуваме на разни места, така што имавме многу малку проби, но бргу се вклопивме – вели виолинистката Богдановска.

Кларинетистот Александар Тасиќ беше дел од фестивалската програма на Охридско лето во 2008 година, но, како што вели, со задоволство доаѓа да настапи во катедралата „Света Софија“.
– Концертот беше доста интересен зашто програмата беше различна, класична и неокласична музика, модерна музика, која е пишувана во духот на класиката. Тука, пред сè, мислам на Арутиунијан, кој е интересен композитор што пишува со примеси на ерменска и еврејска музика. Многу ми е мило што по една деценија, повторно сум на фестивалот Охридско лето. Акустиката е совршена, а она што е уште повпечатливо е што свиревме во едно вакво здание, старо над илјада години. Тоа е посебно чувство што може да се доживее само во Охрид – истакна кларинетистот Тасиќ.
Овој ансамбл составен од извонредни уметници од поранешните ју-простори во текот на наредната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс (1819 – 1854), чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

