Македонија
Зошто редовно се калкулира и навреме не се објавува тендер за набавка на инсулин?

Министерот за здравство, Венко Филипче, сè уште не најде долготрајно решение за проблемот со недостиг на инсулин за дијабетичарите. По неговото доаѓање на чело на Mинистерството, беа извршени две вонредни набавки на инсулин, првата во декември 2017, а потоа и во јуни оваа година.
Од Министерството за здравство, вчера, по објавата на „Макфакс“ за недостиг од инсулин, соопштија дека уште денеска ќе биде распишан тендерот за набавка на лекот. Но, сепак, останува отворено прашањето зошто министерот за здравство цели пет месеци распишува тендер и покрај сознанијата дека има недостиг на инсулин. Уште во март годинава од Министерството најавуваа дека се прават последните подготовки и анализа за потребните количини инсулини, но тендерот не беше пуштен.
„Макфакс“ се обиде да стапи во контакт со министерот Филипче, но тој не одговори на нашите повици за разлика од вчера кога вети дека денеска ќе даде одговор на нашите прашања.
Националниот координатор за здравство, Гоце Чакаровски, за „Макфакс“ рече дека тендерот за набавка на инсулин е изготвен, но нема информација зошто се чека да се објави по што нè препрати да се обратиме до кабинетот на министерот Филипче.
Оттаму ни потврдија дека тендерот ќе биде објавен во текот на денот, односно дека се чека на министерот да се врати од владината седница за да го потпише. На прашањето зошто толку долго се чекаше за објавување на тендерот, од кабинетот образложија дека причината за задоцнувањето е тоа што било потребно подолго време бидејќи се собирале детаљни информации за бројот на пациенти, се вршеле процени, точна анализа и проверка на потребната количина сè со цел да не се дојде до ситуација да има потреба од интервентен увоз.
Претходниот редовен тендер беше распишан во 2016 година од страна на ексминситерот за здравство, Никола Тодоров, кој беше цел на напад на јавноста поради критериумите што беа поставени на тендерот. Дијабетичарите се жалат дека добиваат неквалитетен инсулин што не ги задоволува ИСО-стандардите, а исто така има жалби и за квалитетот на глукометрите со кои се мери висината на шеќерот во крвта.
Претседателката на Здружението на лицата со дијабетес, „Алегрија“, Рената Јакимовиќ, вчера за „Макфакс“ истакна дека дијабетичарите се принудени меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи не може да го најдат во аптеките. Министерството за здравство по оваа изјава испрати реакција во која се вели дека на повидок нема никаква инсулинска криза, односно дека има доволно инсулин во инсулинските аптеки и покрај сведочењата на лицата со дијабетес дека во аптеките каде што го набавуваат лекот нема доволно инсулин.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)