Македонија
Приватните специјализанти со отворено писмо до премиерот Зоран Заев
Приватните специјализанти испратија отворено писмо до претседателот на Владата, Зоран Заев.
Во писмото се посочува дека на панел-дискусија организирана од повеќе асоцијации на специјализанти, како и од Министерството за здравство и Владата на 11 јуни 2018 година, им било ветено дека од јуни плата ќе добиваат и оние што се пријавиле на конкурсот во јануари годинава.

Исто ветување, како што посочуваат во писмото, им било дадено и од страна на министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција одржана во мај.
„Вие сте најкреативниот дел од нашето општество, вие мора да останете во оваа земја, вие сте иднината и на нашето здравство и на медицината. Од јуни ќе се исплати мајската плата како што земаат и другите специјализанти, а дополнително работиме и на решавање на другите ваши барања“, изјавил министерот за здравство, а неговата изјава беше цитирана во отвореното писмо испратено од страна на приватните специјализанти.

Во писмото се додава дека поминале веќе неколку месеци од дадените ветувања, а тие досега плати не виделе.
„Во меѓувреме се остварија повеќе работни средби со работната група на Министерството по што целата документација и процедура за подготовка на списоците на приватните специјализанти беше конечно комплетирана. Сè беше подготвено за да се испрати до Фондот за здравствено осигурување, од каде што беше потребно да се одобрат средствата и тие да се распределат на соодветните клиники и институти. Подоцна, на наше инсистирање, добивме информација дека буџетот за исплата на нашите веќе ветени плати, всушност, не постои, односно тој допрва треба да биде разгледуван на седница на Владата. Исто така, да напоменеме дека постарите генерации приватни специјализанти веќе добиваат плата за истиот труд и со истите потпишани договори. Сето ова ни говори дека процесот е сè уште на самиот почеток, а се добива впечаток дека една цела генерација млади доктори е подлегната на дискриминација и тотално е изиграна“, стои во отвореното писмо на приватните специјализанти испратено до премирот.

Заедно со отвореното писмо тие испратија и листи со потписи на неплатените приватни специјализанти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
АМСМ: Тековен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, информира АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Дел од корисниците од Гази Баба без струја
Дел од корисниците од Гази Баба денеска ќе останат без струја.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 28.11.2025 година ( Петок ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08:30 до 14:30 часот, корисниците на ул.2 во Раштак ( општина Гази Баба )“, информира РЦУК.

