Регион
Тачи: Нема да дозволиме нова Република Српска во Косово
Мојата цел не е етничка поделба, ниту создавање нова Република Српска во Косово, мојата цел е да се воспостави 400 километри долгата граница со Србија, рече претседателот на Косово, Хашим Тачи, истакнувајќи дека овој процес бара, како што вели тој, креативни решенија, кои ќе обезбедат мир сега и во иднина.
Тој во интервју за „Денес“ изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина се наоѓа во критичен период и нема да дозволи минатото да ја блокира иднината и да го загрози мирот во следните 5 или 50 години.
– Јас зборувам со Вучиќ и подготвен сум да најдеме решение затоа што сакам да го видам Косово во ЕУ и НАТО што е можно побргу. Ќе бидам искрен, не мислам дека можеме да стигнеме таму додека не ја решиме границата. Ние треба да имаме целосно договорена демаркација на границата за да не оставиме некои отворени прашања да станат точка на несогласување во иднина – рече Тачи.
Тој истакна и дека очекува конечниот договор меѓу Белград и Приштина да биде европски договор што ќе го прифатат и Брисел и Вашингтон, како и дека ќе биде финализиран со нова резолуција на Советот за безбедност на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По апсењето за трагедијата во Нови Сад, Весиќ штрајкувал со глад и одбил помош, денеска итно пренесен во болница
Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, утрово со возило на брзата помош од притворот во Нови Сад бил пренесен во болницата во Сремска Каменица.
Како што е објавија српските медиуми, поради нагло влошување на неговата здравствена состојба, по шестдневен штрајк со глад и одбивање лекарска помош, управата на Окружниот затвор во Нови Сад го известила Вишиот суд дека е неопходно тој да биде префрлен во болница.
Управникот на Окружниот затвор во Нови Сад, Миле Јандриќ, за „Танјуг“ изјави дека Весиќ, по специјалистичкиот преглед, е задржан на одделението за коронарна интензивна нега со одобрение на судијата за претходна постапка.
Весиќ беше уапсен и приведен во Нови Сад поради падот на натстрешникот на железничката станица во овој град на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, а двајца сè уште се во критична состојба.
Регион
Брнабиќ: Опозицијата сака граѓанска војна, власта сака работа и просперитет за сите граѓани
Претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ денеска изјави дека претставниците на опозицијата кои вчера направија бунт во Народното собрание сакаат граѓанска војна, а владејачката коалиција, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ сакаат работа и просперитетот на Србија со цел подобрување на стандардите на сите граѓани на Србија.
Брнабиќ за РТС изјави дека штетата направена вчера во Народното собрание ќе чини многу, и таа ќе се потруди целата да ја сноси опозицијата на чело со Драган Ѓилас.
„Разбирам дека бегаат да зборуваат за буџетот. Србија во првите девет месеци од оваа година е најбрзо растечка европска економија. Првиот пат кога зборуваме за буџетот имаме инвестициски рејтинг, во нивно време БДП беше 33 милијарди евра, а на крајот на годината ќе имаме повеќе од 80 милијарди, додека целта е до 2027 година, благодарение на паметната политика што ја води Александар Вучиќ, да имаме повеќе од 100 милијарди евра“, рече Брнабиќ.
Регион
Познатата српска актерка Слобода Миќаловиќ претепана во Белград
Познатата српска актерка Слобода Миќаловиќ, вчера, во 18.50 часот, била физички нападната од 47-годишната С. Д..
Како што неофицијално објави српски „Телеграф“, кај С. Д., по пристигнувањето на полицијата, било утврдено присуство на алкохол во крвта.
Како што пишуваат српските медиуми, тепачката се случила на плоштад во Земун.
Актерката наводно управувала со возило и кога тргнала напред, со предниот дел од автомобилот удрила во случајниот минувач С. Д. во пределот на коленото, што довело до вербален, а потоа и физички конфликт.
Актерката потоа била префрлена на Ургентниот центар.