Свет
Американските власти сѐ уште држат во притвор над 500 деца кои ја минале границата
Повеќе од 500 деца кои со своите родители илегално навлегле на територијата на САД и понатаму се наоѓаат во притвор, три седмици откако стапи на сила правосилната одлука дека владата мора да ги врати кај нивните семејства, покажуваат судските документи.
Меѓу 565 малолетници кои ги држи Канцеларијата за релокација на бегалците, подредена на Министерството за здравство и социјалните служби, 24 имаат една година или се уште помали. Според податоците на канцеларијата, родителите на 366 од децата повеќе не се во САД, родителите на 154 деца рекле дека службите не сакаат да им ги вратат назад, додека 180 малолетници не можат да им бидат вратени на родителите бидејќи се сметаат за закана за безбедноста на децата.
Политиката на „нулта толеранција“ на владата на претседателот, Доналд Трамп стапи на сила од април до јуни и опфати притворање на илјадници лица кои илегално ја минале границата. Меѓутоа, помеѓу 2.300 и 3.000 деца кои пристигнаа со родителите беа одвоени од нив и сместени во центрите на Министерството за здравство, што предизвика остри реакции и протести. Негодувањето во САД го натера Трамп во јуни да забрани систематско раздвојување на семејствата. Федералниот судија во Калифорнија нареди семејствата повторно да бидат обединети, пред 26 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: Русија не ги доживува санкциите како привремени или целни мерки
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека Русија е убедена дека западните санкции не се привремени или целни мерки, туку механизам за системски притисок врз Москва.
Таа нагласи дека западните земји, нивните сојузи и нивните поврзани сателити спроведуваат агресивна кампања против Русија.
„Целта е отворено декларирана: финансиска и технолошка изолација, поткопување на перспективите за долгорочен социоекономски развој и нанесување максимална штета на граѓаните со цел дестабилизација на внатрешнополитичката ситуација. Веруваме дека санкциите не се привремени или целни мерки, туку механизам за системски стратешки притисок врз нашата земја“, изјави таа за ТАСС на маргините на форумот „Произведено во Русија“.
Таа истакна дека Западот се обидува да воведе секундарни санкции против суверените држави, „обидувајќи се да ги казни за соработка со Русија, поради фактот што овие земји ги бранат своите национални интереси“.
Како што изјави таа, санкциите станаа реалност на новата фаза на развој во која влезе глобалната економија.
„Неподготвеноста на западните земји да признаат дека нивните производствени и финансиски модели ја губат конкурентската битка од глобалното мнозинство води кон хаос и нерамнотежа во сите области на глобалната економија“, нагласи Захарова.
Според неа, бројните пакети санкции воведени не само против Русија, туку и против други земји, како и одбивањето да се користат клучни резервни валути во меѓународните порамнувања, замрзнувањето на суверените фондови, трговските војни, неоколонијалните пристапи кон финансирање на развојот и спонзорирањето на „сателити“ преку меѓународните институции, „де факто ја укинаа глобализацијата“.
„Глобалната економија стана фрагментирана, а оние кои претходно се залагаа за отворени граници и отстранување на разни бариери се вратија на блоковски пристап“, заклучи таа.
Фото: принтскрин
Свет
Германија сака да ги подготви децата за војна преку училишна програма: „Тоа е разумна подготовка“
Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Александар Добриндт (CSU) предложи учениците во училиштата систематски да се учат како да реагираат во кризни ситуации и во случај на војна. Тој планира да го презентира својот план во ноември на конференција на државните министри за внатрешни работи, а тој би вклучувал воведување на специјални двочасовни предавања.
„Важно е младите луѓе да разберат какви закани може да постојат и како да се подготват за нив. Децата се важни пренесувачи на знаење во семејството“, изјави Добриндт за весникот Ханделсблат, објави DW.
Остри реакции во Бундестагот
Предлогот предизвика жестоки реакции во германскиот парламент. Опозициската левица верува дека ова „шири страв кај децата и младите“, додека десничарската радикална Алтернатива за Германија (AfD) го обвини министерот за „подбуцнување војна“. Пратеникот на AfD, Готфрид Курио, тврди дека Добриндт сака „да ја направи војната неизбежен дел од секојдневниот живот“.
Од друга страна, Зелените веруваат дека идејата има смисла, но дека не е доволна. Нивниот претставник, Леон Екерт, предлага постојниот „Ден на предупредување“ да се прошири во национален ден за вежбање со цел практично да се подготват граѓаните за кризни ситуации.
Ова не е прв пат слична идеја да се дискутира во Германија. Уште за време на мандатот на претходната влада, тогашната министерка за образование Бетина Старк-Вацингер (ФДП) презентираше сличен предлог, осврнувајќи се на практиката во Велика Британија, каде што вежбите за вонредни ситуации се дел од училишната програма.
Добриндт, исто така, најави нов „пакт за заштита на населението“, кој би вклучувал подобрување на системот за предупредување, означување на заштитни зони и обезбедување основни потреби во вонредни околности.
„Нема ништо лошо во тоа секој да има основна залиха од храна, батерии и радио дома. Тоа не е паника, тоа е разумна подготовка“, рече Добриндт. Тој додаде дека интересот на граѓаните за прирачниците за цивилна заштита е голем, што покажува дека луѓето „сакаат да бидат подготвени“ во случај на криза.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Украина и нејзините сојузници ќе работат на план за прекин на огнот во наредните денови
Украина и нејзините сојузници се согласија да работат на план за прекин на огнот во следните десет дена, изјави претседателот Володимир Зеленски за „Аксиос“ по предлогот на американскиот претседател да се запре војната на сегашните граници.
„Неколку брзи точки како план за прекин на огнот. Одлучивме дека ќе работиме на тоа во следната недела или десет дена“, изјави украинскиот лидер за „Аксиос“ во интервју објавено во понеделникот.
Зеленски додаде дека Украина, за да изврши притисок врз Русија за разговори, бара од американската администрација не само ракети „томахавк“ туку и слични работи што не бараат долгорочна обука, пренесува „Ројтерс“.
Фото: принтскрин

