Македонија
Владата ја стесни трасата за гасоводот преку Водно
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, денеска на прес-конференција во Владата информираа за изградбата на магистралниот гасовод, делница 5, Скопје-Тетово-Гостивар.
Тие во своите обраќања посебно се осврнаа на делот од трасата на гасоводот која поминува преку парк-шумата Водно и информираа за промените во зафатот и плановите за ревитализација на Водно.
Сугарески истакна дека и институциите не го даваат Водно и никој нема да дозволи загрозување на природата.
Тој рече дека Владата има слух за загриженоста и пораките од граѓаните и граѓанските организации, и поради тие сугестии и понудените опции, направени се промени во проектната документација.
„Со новата траса значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно од 3000 на околу 1400 метри кубни. Исто така трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса и растителен свет. Со ова жртвуваме 0.07 проценти од вкупната шума на Водно, за да ја зачуваме природата на 25713 квадратни километри, колку што е територијата на Република Македонија“, рече Сугарески.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули, објасни дека Водно не се дава на стихијна градба туку на строго и прецизно проектирана и мониторирана имплементација на гасификацијата.
„Во Скопје загадувањето е еден од најголемите предизвици. Податоците се немилосрдни. Ако ништо не промениме во Скопје, емисиите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките до 2021 година ќе се зголемат за 31%, во однос на измерените во 2015 година. Доколку, пак, ги преземеме мерките што ги планираме, тогаш емисиите на овие честички ќе се намалат за 70%, а емисиите на јаглерод-оксид ќе се намалат за 56%“, рече Макрадули.
Тој уште додаде дека за Скопје и за цела Македонија, гасификацијата е најдоброто решение за намалувањето на загадувањето.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, на прес-конференцијата информираше за текот на реализацијата на гасоводната мрежа во трите делници кои се во тек на градба.
Што се однесува на потегот Водно, директорот Реџепи информираше дека по завршувањето на градежните активности теренот ќе се враќа во првобитна состојба, односно ќе се направи рекултивација на целата делница.
„МЕР веќе има платено на град Скопје 42,9 милиони денари за рекултивација и пошумување на Водно“, рече тој и додаде дека со направените измени во документацијата, се намалува штетното влијание на парк-шумата Водно за повеќе од 70%.
„Според пресметките на ЈП ‘Паркови и зеленило’, ќе бидат опфатени 1400 кубни метри дрво, што е далеку помалку од дневната потрошувачка на огревно дрво во Скопје“, појасни директорот Реџепи.
За барањето на невладините организации, трасата да се премести на потегот кон Скопска Црна Гора, тој информираше дека таквото решение е неизводливо од еколошки и економски аспект, затоа што тоа ќе значи одложување на изградбата, а со тоа и пролонгирање на големото загадување за уште 5 години. Дополнително, ќе треба да се соочиме со финансиски реперкусии на штета на буџетот на граѓаните, од банките од каде се обезбедени средства за реализација на гасификацијата.

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, на прес-конференцијата рече дека изградбата на гасоводната мрежа е за доброто на сите и дека од тоа зависи и гасификацијата на сите градови во Македонија, но сепак Скопје не смее да биде жртва на тој процес.
Тој истакна дека во процесот на разговори за изведба на проектот се одлучи дека Владата ќе обезбеди средства за урбано зеленило во градот Скопје, како и за пошумување на Водно во висина од 43 милиони денари, средства од МЕР, како законска компензација на уништеното зеленило. Дополнително се планира пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора, со што директно ќе влијаеме и на спречување на поплавите и на подобрување на животната средина во Скопската Котлина.
Тој исто така нагласи дека Владата обезбедила поддршка и за зелените коридори по должина на реките Лепенец и Серава, носење закони за заштита на парк-шумата Водно и кањонот Матка во соработка со Министерството за животна средина, како и приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасоводната мрежа во Скопје.
Тој истакна дека ова е првпат да биде обезбедена целосна ревитализација на зеленилото на Водно, кое, како што рече тој, никогаш до сега не било ниту заштитувано – ниту ревитализирано.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, воедно, на прес-конференцијата им се заблагодари на сите загрижени граѓани и активистите за заштита на Водно за нивната соработка со градот Скопје и со Владата на Република Македонија, со што се постигна оптимално решение за изградба на магистралниот гасовод Делница 5 Скопје -Тетово – Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

