Македонија
(Видео) Исплатата на приватните специјализанти доцни поради административни процедури, рече Филипче

Исплатата на приватните специјализанти доцни поради административни процедури, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој рече дека сите приватни специјализанти ќе бидат исплатени ретроградно, но не можеше да презицира дали средствата ќе им бидат префрлени овој или следниот месец.
„Сите тие млади колеги ќе ги добијат парите ретроградно. Дали исплатата ќе биде од месец август или од септември не можам да кажам зошто може да се одолговлечи некоја административна процедура“, рече Филипче.
Тој рече дека има две групи приватни специјализанти – за исплата на едните биле одвоени средства од буџетот, додека за втората група што се запишала во март годинава не биле предвидени средства.
„Станува збор за две групи. Едната е од над 300 специјализанти за кои беше правена пресметка за нивна исплата во тек на минатата година и тие средства беа предвидени во буџетот за оваа година. Огромен дел од тие специјализанти веќе го добија надоместокот и има само мал дел за кои се средуваат административни процедури, меѓутоа таа група за кратко време ќе ги добие парите. Втората група специјализанти беа оние што се запишаа во март оваа година и за нив средства во буџетот воопшто не беа предвидени, но со оглед на тоа што ветивме дека и тие ќе добијат соодветен надоместок, се одвои сума на пари од буџетот во ФЗОМ и сега во тек се административни процедури. Тоа е причина зошто се доцни со ветените исплати за приватните специјализанти“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ниеден сектор не напредува, погрешните политики на власта ги плаќаат граѓаните, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче од струмичкиот регион истакна дека само СДСМ е тој кој ќе може да се спротивстави на ВМРО–ДПМНЕ.
„Само ние сме организирана структура, која што сега треба да ги научи грешките од лани, за да излезе на терен и да покаже сила, и енергија, и волја, дека сме ние тука и сме подготвени да се бориме” рече Филипче.
На средбите со граѓаните во Ново Село, Василево и Босилово, Филипче посочи дека во ниту еден сектор нема никакви резултати, што е показател за погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
„Една работа да најдеме, нема. Во земјоделството? Ништо. Ниту поддршка, ниту зголемени субвенции. Плачат лозари, плачат сточари, производителите на оризот, тутунарите. Во здравството да не зборам. Во образование? Ништо. Какви плати, ги лажат луѓето – ќе биде до година. Работниците? Ништо. Даваме предлог за платите? Ништо. Цените до плафон. Не можат луѓето да живеат повеќе. За европското прашање да не збориме, рече Филипче.
Во периодот на СДСМ, како што кажа, немаше ниту една лоша политика, мерките се креираа за граѓаните.
„Ние немаме лоша политика во ниту еден сектор. Зашто сакате ќе збориме? 300% социјална помош, платите ги зголемивме, дуплирана минималната платата. Во здравство, во образование во стопанството, со цените имавме контрола, кризите ги пребродивме. Ние бевме тука за луѓето, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ не е за луѓето тука, не ги интересира“.
Македонија
Нов урбан парк во Марино, унапредување на јавната инфрастуктура во општина Илинден, најави Георгиевски

Општина Илинден континуирано вложува во уредување и модернизација на јавниот простор во сите населени места, создавајќи современи и пријатни локации за квалитетно поминување на слободното време на граѓаните. Во таа насока, во населеното место Марино е изграден нов урбан парк со повеќе содржини, информираат од таму.
Паркот се наоѓа меѓу улиците „531“, „532“ и „534“ и зафаќа површина од околу 6.000 м². Просторот е партерно уреден, поставено е улично осветлување, чешми, клупи, корпи за отпадоци, паркинг простор, пешачки патеки и пристапна сервисна улица. Паркот е збогатен и со зелени површини, отворен плоштад наменет за јавни настани, централна фонтана, жардињери со декоративни растенија, како и детско игралиште опремено со современи реквизити за најмладите.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, при увидот на плоштадот истакна дека уредувањето на јавните простори е од суштинско значење за подобрување на условите за одмор и рекреација на граѓаните.
„Општина Илинден и понатаму ќе продолжи со активности за унапредување на јавната инфраструктура и создавање урбано уредени простори во сите населени места низ општината“.
Македонија
Вандализирани новото катче за вежбање и фудбалското игралиште во Паркот на франкофонијата

Катчето за рекреација, направено на барање на жителите во рамките на маалските средби, со новата современа вежбалница во Паркот на франкофонијата, утрово беше затекнато уништено.
Уште недовршена, вежбалницата веќе е вандализирана. Некој преку ноќ се обидел да ги запали реквизитите, а вреќата за бокс ја исекле со нож и целосно ја уништиле.
Случајот е пријавен во МВР.
„Наместо простор за рекреација, некој избрал деструкција. Покрај тоа, искршено е и фудбалското игралиште во овој парк. Ова, за жал, не е прв ваков случај на вандализам во нашата општина. Апелирам до сите граѓани да ги чуваат јавниот простор и заедничките содржини создадени за спорт, рекреација и дружење“, порача Герасимовски.
Новата вежбалница се состои од 17 справи, а овие денови требаше да се постави и специјална тревна подлога за поголема безбедност при користењето.