Македонија
Мицкоски: Сите партии да се откажат од средствата за кампањата за референдумот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати апел до сите политички партии да се откажат од средствата за кампањата за референдумот, по примерот на неговата партија.
„Ја користам оваа прилика да апелирам и до владата средствата да ги пренамени за реконструкција и изградба на гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’ во Тетово. Но, истовремено еве да упатам апел до колегите од другите политички партии да не ги користат средствата коишто се предвидени, и истите да ги пренаменат за други цели коишто ќе бидат неопходни за решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Еве апелирам и до пратеничката група на СДСМ и до останатите политички партии коишто се дел од владината коалиција да ги пренаменат средствата, наместо да ги користат во ваква стерилна кампања во која што ќе се обидат лагата да ја претстават како вистина, капитулацијата како победа“, рече Мицкоски.
Тој предлага власта да ги пренамени парите за санирање на, како што вели, штетните политики на владата во земјоделието. „Еве на пример гледаме дека е пред ескалација проблемот со лозарите, да можат таму да се пренаменат средствата да може маката на лозарите колку толку да биде санирана“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека неговата партија ќе промовира нов ткн политички волонтеризам.
„ВМРО-ДПМНЕ како што гледате е меѓу народот, ВМРО-ДПМНЕ е со народот. Од 10 септември и официјално започнува самиот старт на кампањата, го промовираме таканаречениот нов политички волонтеризам со голем број на волонтери ширум Македонија ќе се обидеме на граѓаните, без да ги трошиме нивните со мака стекнати пари да можеме да им објасниме на граѓаните за штетните последици од овој капитулантски договор кој што го потпиша владата на СДСМ и Зоран Заев, но, истовремено да се обидеме да го зачуваме достоинството на македонскиот народ и македонската држава“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снопче ја праша ДУИ: Со која партија ќе формирате влада и зошто не го поддржувате Пендаровски во вториот круг
Кандидатот за пратеник од коалицијата ВЛЕН Халил Снопче изјави дека „Европски фронт“ не може да се промовира со старата гарда на Груевски.
„Велиме дека Груевски бил најкриминализирана сила. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со кандидат за пратеник на црната листа на Америка. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со целосно неприродна соработка. Мендух Тачи го нарече Али Ахмети, убиец. Зијадин Села пак, рече дека тој бил организатор на 27 април, дека Али Ахмети ја нарачал неговата елиминација а сега ги здружуваат силите“, рече Снопче.
Според него, ДУИ се уште не се изјасниле со која партија ќе коалицираат во идната влада.
„ДУИ мора да каже. Ако сака да биде во владата, со која партија ќе коалицира. Не се изјаснија“, рече Снопче.
Снопче додаде дека ДУИ од една страна ја критикува ВМРО, а од друга страна ги моли оние што ги критикуваат.
„Следната влада ќе се создаде со 61 пратеник, затоа ја прашувам ДУИ со која партија ќе формира влада. Според резултатите од 24 април, ако ги претвориме во мандати, СДСМ ќе добие 24 пратеници. Максим Димитриевски рече дек не влегува во влада со ДУИ. ДУИ може да формира влада само со ВМРО, додека ВМРО изрази дека нема место за ДУИ во следната влада”, рече Снопче, апелирајќи до ДУИ да посочи со која партија ќе формира Влада.
Снопче на крајот ја праша и ДУИ зошто не го поддржуваат Стево Пендаровски во вториот круг како што го поддржаа на претседателските избори во 2019 година како консензуален кандидат.
Македонија
(Видео) Ковачки: За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, и Македонија горда
За два дена од денеска, во среда се гласа. За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, опустошена, опљачкана и Македонија горда, достоинствена, Македонија која што се гради и во која што важат законите за сите подеднакво, изјави Драган Ковачки, носител на изборна единица 3.
– Затоа од овде, од патриотско Карбинци повикувам на сплотеност, на обединетост, на семакедонско единство, на се општествено единство, на национално единство. Да бидеме горди и да бидеме достоинствени. Да си ја вратиме Македонија во рацете на граѓаните. Ве повикувам сите заеднички да излеземе и да гласаме за бројот 2 – рече Ковачки.
Македонија
Битиќи: Во среда да гласаме и да избереме заедништво и соживот
„Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат. Вашиот глас нема да биде само исполнување на граѓанска должност, туку и влог во наследството кое ќе го оставиме“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.
Тој истакнува дека секој глас е скапоцен, притоа посочувајќи дека избори може да се добијат или изгубат со мали разлики, но со големи последици.
„Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија. Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна, а тоа може да го исполниме со заокружување на бројот 1“, вели Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник, Битиќи, потсетува дека пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, притоа предупредувајќи дека национализмот и изолацијата повторно демнат, како што тој вели, на нашиот праг.
„Тоа не треба да не’ плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти – вашиот глас е важен. Затоа на 8 мај излезете на гласачките места и дадете го својот глас за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, изберете го напредокот, оставете зад себе наследство на напредок, единство во различностите и просперитет“, порачува Фатмир Битиќи, коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.