Македонија
Собранието ја констатира оставката на пратеникот од СДСМ, Петар Атанасов

Собранието денеска ја констатира оставката на пратеникот од СДСМ, Петар Атанасов, кој на 23 овој месец поднесе оставка. Се очекува Атанасов да биде именуван за заменик-министер за образование.
На местото на Атанасов се очекува да дојде Снежана Каевска, која е следна на листата на кандидати, но се очекува официјален допис од Државната изборна комисија.
„Бидејќи пратеникот Петар Атанасов беше избран од листата на кандидати, потребно е ДИК да го извести Собранието за кандидатот од оваа листа на кој треба да му се верифицира мандатот за пратеник во согласност со член 153 од Изборниот законик“, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Инаку, со реконструкцијата на Владата пред неколку месеци беше опфатено и Министерството за образование и тогашниот заменик-министер Арбер Адеми ја замени Рената Дескоска на министерската позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.