Македонија
Ќосето во хангар на МЗТ чека судска одлука за пак да биде поставен

Споменикот на Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот, половина година по дислокацијата, сè уште е во хангарите на „Металскиот завод Тито“ („МЗТ заеднички работи“ АД), потврдија оттаму за „Макфакс“. Од „МЗТ заеднички работи“ велат дека на 4 јули бил направен увид од судот и странките во постапката.
Од Општина Сопиште, пак, која го побара споменикот за да го постави, за „Макфакс“ велат дека ќе ја почекаат одлуката на Основниот суд Скопје 2, каде што „РЖ Институт“ го тужи Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин на Ташко Јованов бидејќи ѝ должи на леарницата 600.000 евра за леење на петте споменици што ѝ ги донира на Општината. Еден од нив е и на Ќосето. Леењето на спомениците сè уште не е платено поради што леарницата по судски пат си побара од Здружението наплата на долгот.
„Се обративме писмено до Здружението, но досега одговор не добивме“, рече општинскиот портпарол за „Макфакс“ и додаде дека ќе ја почекаат одлуката на скопска „двојка“. Ќосето беше преместен на 22 февруари, при што првин беше дислоциран споменкот, а потоа беше урнат постаментот и на неговото место сега е засадено дрво. Министерството за култура констатира дека е дивоградба, а СЈО отвори истрага за сомнителни донации на патриотското здружение. Увидот во магацинот на МЗТ судот го закажа за 4 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите.
До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.
„При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.
Македонија
На Табановце се чека по 40-тина минути за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 40 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро

Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро. Во тек е акција за негово пронаоѓање.
Според информациите на полицијата, денеска во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро, над селото Трпејца.
Од полицијата велат дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени тимови од езерската полиција и Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“.