Македонија
Сашо Мијалков со лозинка можел лично во секое време да прислушува, тврди СЈО

По неколкумесечно одлагање, во кривичниот суд почна судењето за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Обвинитителката Ленче Ристоска рече дека ова е судски процес што ќе испише нова историја во Македонија, ќе го одбележи времето и ќе остави силна порака за идните генерации.
Со ова обвинение, како што рече Ристоска, ќе се потврди она во кое граѓаните се сомневале: „Немој по телефон, можеби нè прислушуваат“. Обвинителката рече дека Сашо Мијалков, тогашниот директор на УБК, бил главен организатор на злосторничкото здружување, кое прислушувало масовно без судски наредби.
„Искористувајќи ги функцијата, моќта и авторитетот, првин се обидоа да ја негираат ситуацијата велејќи дека не се автентични, за потоа да тврдат дека се сечени, лепени и монтирани“, рече Ристоска.
„Обвинетиот Мијалков имал преглед на сите броеви што биле предмет на незаконското следење на комуникациите“, рече обвинителката.
Таа во воведниот говор рече дека секој од припадниците на злосторничкото здружување имал своја улога и задача во групата. Првин, покрај Мијалков, во групата биле бегалецот Горан Грујевски, началник на Петтата управа, и Надица Николиќ, вработена во УБК. Подоцна на групата ѝ се приклучиле Владимир Варелов, Марјан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исакоски и Валентина Симоноска.
По налог на Мијалков, а без судска наредба, било спроведено масовното прислушување. Овие вработени во УБК ги транскриптирале разговорите и му ги предавале на Горан Грујевски надвор од системот за следење на комуникациите. Варелов, според обвинението, внесувал лично телефонски броеви по налог на Грујевски. Сведокот Зоран Костовски бил техничка поддршка на прислушувањето. Имал задача да креира на компјутерите кориснички имиња и лозинки и по барање на организаторите и членовите на групата им дал пристап до прислушуваните материјали на нивните лични компјутери во работните простории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гичев: ДПМНЕ ги изневери граѓаните, време е за нова позитивна енергија и прогрес во Свети Николе

„Поминаа четири години откако ДПМНЕ е на власт, а освен празни ветувања, не добивме ништо. Четири години без ниту еден капитален проект, освен чадорите и кафезот во срцето на градскиот парк, кои ќе бидат дислоцирани веднаш по моето доаѓање, во првата недела“, порача од трибината во Свети Николе кандидатот за градоначалник на СДСМ, Дејан Гичев.
Тој ја побара поддршката од граѓаните и вети дека повторно ќе го врати сјајот на градот.
„Време е за промени. Време е за прогрес. Поминаа четири години без привлекување инвестиции. Наместо развој, добивме стагнација, наместо отчетност, добивме молк, и наместо подобар живот, добивме повисоки сметки и пониски стандарди. Ветуваа многу, а не направија ништо. Проектот за базен, кој беше целосно подготвен, беше сопрен без никакво објаснување од раководството предводено од ВМРО-ДПМНЕ,“ рече Гичев.
Уверува дека со напорна работа ќе ја реализира својата визија и програма, со конкретни проекти за подобра иднина.
„Со правилно урбанистичко планирање и грижа за хигиената, Свети Николе ќе го направиме чист, урбан и модерен град за живот. Тоа ќе биде обврска на секој од нас. Ќе работиме на обновување, модернизирање и вложување во спортските објекти, како и на поддршка на спортските клубови, со што ќе го оживееме спортот во нашиот град. Партнерството, координацијата и соработката со невладиниот и граѓанскиот сектор ќе овозможат подобра работа во решавањето на конкретните проблеми на граѓаните“, порача Гичев.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ја имале можноста, но ја прокоцкале, градот стагнирал изминативе четири години, а жителите не добиле ништо од ветеното.
„Ние ќе донесеме вистинска поддршка за земјоделците. Ќе обезбедиме основни услови за работа преку тампонирање на сите земјоделски патишта. Ќе ја вратиме загубената чест на земјоделецот, а ќе ја вратиме и душата на градот. Нашата визија е да ја подобриме заедницата. Предлагаме нови политики и мерки кои директно одговараат на реалните потреби на граѓаните. За младите , нов младински центар. За социјално ранливите фонд за самохрани мајки. Во образованието, стипендии за талентирани деца, порача Гичев.
Македонија
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, од утре пад на температурите

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува и во текот на ноќта ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 2, а максималните ќе бидат до интервал 12 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 1 степен, а максималната ќе достигне 17 степени.
Од понеделник до среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината. Пораст на дневната температура се очекува од четврток.
Македонија
Мицкоски: Црвените линии на Венко се тројанскиот коњ, Бојко зборуваше дека дал пари, сега што ли е во игра?

На денешниот народен митинг во Куманово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што се осврна на политичките трикови со црвените линии на Венко за кој рече дека се тројанскиот коњ.
„Ќе се осврнам и на политичките настани. Триковите веќе не поминуваат. Погледнете каков подарок од СДСМ сега спремаат за Бугарија. Тој подарок е тројански коњ, убаво спакуван, со таканаречени црвени линии, а всушност тоа е ново попуштање кон нашиот источен сосед. Нова бонбона бизнис која СДСМ ѝ ја дава на нашиот источен сосед. Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС, партијата на чие челo е Венко, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека политичките трикови на СДС и Филипче нема да поминат и дека врз грбот на националните и државни интереси нема да дозволи некои да градат политички кариери.
Но овој пат големата пречка за тоа сме ние народот на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што добро знаат дека тоа нема да дозволам да помине. Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии зарем некој овде верува дека има малку патриотизам во СДС и ова раководство на СДСМ. Јас не верувам. Затоа да излеземе масовно на 19 октомври и да го заокружиме бројот 9. Тоа што за нашиот Источен сосед Венко е добар, за Македонците значи само едно – ново предавство, кое ние нема да го дозволам. Не постои цена не постои ништо коешто може да го извалка овој образ. Јас ветувам само чесна работа и дека ќе биде тешко но нема да биде срамно. Сите заедно одлучивме да го одиме тешкиот пат. Но не и срамниот пат. Националните и државни интереси нема да бидат крчма над која тие ќе ги градат своите кариери, а овој пат народот ги знае сите нивни трикови и ќе загубат дебело на овие избори“ заклучи Мицкоски.