Свет
Во САД објавени разговорите со Клинтон во кои Борис Елцин го спомнува Путин како свој наследник
На официјалната интернет-страница на библиотеката на поранешниот американски претседател Бил Клинтон (1993-2001 година) објавија негов дешифриран телефонски разговор со Борис Елцин во кој првиот претседател на Руската Федерација лично му вели на колегата од Вашингтон дека го одредил Владимир Путин за свој наследник, пренесува „РИА новости“.
Во разговорот од 8 септември 1999 година Елцин изразува уверување дека Русите ќе го поддржат новиот лидер и признава дека долго размислувал за тоа кој може да застане на чело на земјата во 2000 година и не можел да најде вистински кандидат.
„Конечно, наидов на него, тоа е Путин“, му вели Елцин на американскиот колега.
Првиот претседател на Руската Федерација вели дека ги проучил биографијата на Путин, неговите врски и интереси и убеден е дека тој е сигурен човек, добро подготвен во сферата на своите одговорности. Според Елцин, позитивни атрибути на Путин се „внимава на детали, сила и решителност“.
По два месеца (на 19 ноември), во вториот разговор со Клинтон, Елцин изразува уверување дека токму Путин ќе го наследи.
„Се разбира, Путин. Тој ќе биде наследник на Елцин. Тој е демократ и го познава Западот“, возвраќа Елцин на прашање на Клинтон кој ќе победи на претседателските избори во Русија.
Во тоа време тогашниот претседател на САД веќе успеал да се запознае со Владимир Путин на самитот на земјите од Азиско-пацифичката економска соработка (АТИС) во Оукленд за кого вели дека му оставил впечаток на паметен човек.
Елцин, од своја страна, изјави дека Путин ќе стори сè во рамките на законот за да победи на изборите.
Агенцијата потсетува дека Борис Елцин го назначил Владимир Путин за премиер на 9 август 1999 година и истиот ден го прогласил за свој наследник. На 16 август руската Дума гласаше за назначувањето.
На 31 декември Елцин објави дека поднесува оставка како претседател и Путин стана вршител на должноста шеф на државата. На 26 март Владимир Путин победи на претседателските избори во првиот круг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рутe: Со понатамошни напади, Русија покажува дека нема сериозна намера да постигне мир
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Русија, и покрај дипломатските напори на Соединетите Американски Држави и Украина за прекин на војната, продолжува да напаѓа украински градови, што, според него, укажува дека намерите на Кремљ за постигнување мир не се сериозни.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим се обидуваат да го спречат крвопролевањето. Јасно е дека Украина е подготвена да го поддржи ова со сите свои сили. Тука е постигнат важен напредок, но Русија напаѓа, последниот напад се случи вечерва. Ова покажува дека тие не се сериозни во врска со мирот“, рече Руте за време на неговото обраќање во украинскиот парламент пред Врховната рада, пренесува Укринформ.
Руте рече дека Русија веќе претрпе повеќе од еден милион жртви во војната што започна во Украина и дека и покрај подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ги трпи овие жртви, сите достигнувања на бојното поле се многу болни за Русите.
„Кина, Северна Кореја, Иран продолжуваат да ја поддржуваат Русија, но економијата на Путин продолжува да страда, а зголемениот притисок врз руската флота „од сенка“ исто така има влијание. Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Руте.
Руте, исто така, рече дека постигнувањето мировен договор за завршување на војната во Украина ќе бара тешки одлуки, пренесува Ројтерс.
Според него, програмата за купување оружје на PURL обезбедува 90 проценти од ракетите за украинската воздушна одбрана, пренесува Танјуг.
Свет
„Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)

