Македонија
Трето барање за изземање на одбраната на Груевски, овој пат за судијката Периќ
По двете одбиени барања за изземање, првично за целиот судечки совет, а потоа за судијката известител, Тања Милева, одбраната на Груевски побара трето изземање, овој пат за претседателката на советот, Цветанка Периќ.
Како причина за барањето за изземање, адвокатот Стерјо Зиков ја наведе постапката во Судскиот совет која се води против Периќ.
„Познато е дека против Периќ се води постапка во Судскиот совет за пресуда според нас спротивна на законот. Оваа постапка може да влијае врз одлуката на претседателката на советот и затоа бараме нејзино изземање“, рече Зиков.
Претходно, судечкиот совет ја одби жалбата на одбраната за изземање на судијката известувач како неоснована. Судијката Периќ го праша адвокатот Зиков дали има други забелешки, на што адвокатот одговори дека нема. Периќ даде нова 30-минутна пауза, четврта по ред, за одлучување по барањето.
Адвокатот Зиков предложи седницата да се одложи за понеделник, кога ќе бидат слободни и адвокатите на eкспремиерот Груевски, но судијката Периќ го одби овој предлог велејќи дека седницата е веќе одложена еднаш и денеска, како што е претходно договорено, треба да почне.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.
Македонија
Локацијата на ГОБ „8 Септември“ на Мицкоски му изгледа како одлична за нов клинички центар: Има три булевари, гасна поврзаност, но да оставиме експертите да кажат
Премиерот Христијан Мицкоски чека да завршат локалните избори за да распише повик за финансиски институции што ќе понудат кредити за болниците во Штип, Тетово и во Кичево, а веднаш потоа како следен чекор најави дека со партнерите од Обединетото Кралство ќе работат на нов клинички центар во Скопје. Локацијата на Градската општа болница „8 Септември“, според премиерот, е одлична за нов клинички центар.
„Чекор по чекор. Сега првин да завршат локалните избори, па да се распише јавен повик за финансиски институции за болниците, кои се поврзани со договорот влада со влада со Обединетото Кралство. Да заживее тоа, па следно е големиот клинички центар. Инаку, навистина овде изгледа како одлична можност, одлична локација – три булевари, гасна поврзаност, сообраќајна поврзаност, така што ајде да видиме, да оставиме експертите да си го кажат своето мислење“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата „8 Септември“, во која почна да функционира хибербарната комора за третман на хронични рани, дијабетично стапало, изгореници, како и поддршка за пациенти од пластична хирургија, пулмологија, а ќе функционира и како поддршка за спортисти.
Премиерот Мицкоски ги повика експертите и Министерството за здравство да направат анализи за новиот клинички центар во Скопје за потоа Владата да изеле со конкретен став.
Македонија
Мицкоски: Филипче со контрадикторни изјави, ако е краток периодот да се цени неговата работа во СДСМ, тогаш е кратко и времето за да се оцени работата на Владата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкoски при посетата на ГОБ “8-ми Септември” одговори на новинарско прашање во однос на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека Владата работи катастрофално и кажа, дека изјавите на Филипче се контрадикторни и какафонични бидејќи Филипче дава свој суд за работата на Владата, а за истиот тој период не ја оценува својата работа како претседател на СДСМ и вели дека тоа време е прекратко.
„Па добро, сега Венко Филипче е претседател на сеуште најголемата опозициска партија во Македонија, тој, нормално да ја оценува така Владата бидејќи мисли дека на тој начин ќе добие поддршка во своето гласачко тело и кај граѓаните. Тој ја оценува Владата за својата работа за година и половина нецели еве во декември ќе биде одкако е избрана и тука дава свој суд, но затоа пак никогаш не дава свој суд за своето претседателствување за истиот период во СДСМ. Ако за тој период вели дека е прекраток за да се цени неговата работа тогаш како наоѓа за сходно да ја цени Владата за истиот период како таа работи. Мислам изјавите се какафонични и една со друга контрадикторни, не мислам дека тоа е правата порака којашто треба СДСМ да ја испраќа но добро, тоа си е нивна работа тие знаат како најдобро како треба“ нагласи Мицкоски.

