Македонија
Шекеринска на безбедносен форум во Дубровник:Македонија се промени кон подобро

Вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на Безбедносниот форум – Дубровник 2018, кој годинава се одржува на тема „Зајакнување на отпорноста на Медитеранот, Европа и Западниот Балкан“. Шекеринска имаше воведно обраќање на форумот, во кое истакна дека Македонија од изолирана и заробена држава, стана успешна приказна.
„Македонија се промени. Ги разрешивме отворените прашања со Бугарија и Грција, фокусирани сме на реформите, зајакнувањето на економијата и враќањето на демократијата во земјата. Веруваме во партнерства. И јас сум неизмерно горда што сега сме гледани како успешна приказна. Постојат кругови кои сакаат во пресрет на референдумот да ги дискредитираат нашите напори. Но, ние знаеме дека сме на вистинската страна на историјата“, рече Шекеринска.
Министерката рече дека напорната политичка работа на сегашната Влада вроди со резултат – поканети сме во НАТО. Ова е клучен период за нас и благодарни сме за поддршката од членките на НАТО, присутни и на овој форум, додаде Шекеринска.
„Новата Влада од која сум дел започна храбра политика на меѓународен план, за надоместување на изгубеното време, водена од чувството дека постои момент кој треба да се искористи. Во релативно краток период покажавме дека и за комплицирани прашања, какви што беа нашите разлики со Грција, постојат решенија “, рече Шекеринска.
Таа се осврна и на претстојниот референдум велејќи дека е демократски инструмент во функција на дефинирање на идните државни активности на меѓународен план.Шекеринска рече дека напредокот на регионот зависи од решителноста со која се справува со противниците на прогресот кои користат лажни вести и дезинфомации. Но, никогаш порано, нагласи, регионот не бил толку блиску до надминување на застарени расправии, и многу е важно оваа поддршка за нашите напори да продолжи со зголемен интензитет.
„Македонија е географски европска држава, но наша задача е да ги донесеме европските правила и да ги зајакнеме европските вредности во општеството“, рече Шекеринска.
На форумот учествуваа четириесетина проминентни личности од политиката меѓу кои премиери, министри и заменици министри за надворешни работи од регионот, Европа и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.
На маргините на форумот министерката имаше средби со високиот претставник на Стејт департментот Метју Палмер, со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и со амбасадорот на Канада во ЕУ, Даниел Костело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителниот акт за пожарот во Кочани – одобрен во целост

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинението поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од Судот наведуваат дека со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, било исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор биле заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имал потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата.
„Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта. Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд“, соопштија од Судот.
Македонија
Директорот на БЈБ: Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање

Директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев учествуваше со свое излагање на 7. Западнобалкански дигитален самит кој се одржува во Скопје од кој Македонија испраќа силна порака за регионална соработка и заедничка дигитална иднина.
„Сајбер-нападите сè почесто ги таргетираат институциите, нарушуваат услуги и ја поткопуваат довербата во системот, па оттаму неопходно е постојано вложување во едукација, како на полициските службеници, така и на јавната администрација, со цел навремено препознавање и реагирање на сајбер-инциденти. Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање, па во таа насока за надминувањето на предизвиците неопходна е регионална и меѓународна соработка, како и активно вклучување на приватниот сектор во развојот на иновативни решенија“, истакна директорот Јанев во своето излагање.
Јанев ги нагласи можностите и плановите за користење на вештачка интелигенција во полициското работење, со цел побрза и поефикасна обработка на податоци и навремено донесување одлуки.
„SOCTA 2025 потврдува дека сајбер-криминалот е во пораст и мора да остане висок безбедносен приоритет. Само преку координирана акција и споделена одговорност можеме да изградиме отпорен и безбеден јавен сектор“, потенцираше на крај директорот Јанев.
Македонија
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој во декември минатата година, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Груби и Беџети лани беа ставени на црната листа на САД.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува јавната доверба. Никој не е над законот, а одговорноста е од суштинско значење за напредок“, рече тогаш американската амбасадорка, Ангела Агелер.