Македонија
„Зелена алтернатива“: ЛДП си прави маркетинг со заложбата за декриминализација на канабисот
Граѓанското здружение „Зелена алтернатива“ реагира по објавата на Либерално-демократската партија дека ја поддржува декриминализацијата на канабисот бидејќи од Здружението сметаат дека тие не се сериозни во намерата да помогнат во законската регулатива, кокетираат со јавноста, а на тој начин си поигруваат со чувствата на болните и сите оние на кои им се потребни лековитите својства на оваа билка и секојдневно очекуваат да се озакони нејзиното користење. Тие во своето отворено писмо до лидерот на ЛДП, Горан Милевски, велат дека иако партијата потенцира дека го консултирала невладиниот сектор, од нив не е побарано мислење иако имаат петгодишно искуство на оваа тема.
„Поттикнати од постот за легализација на марихуаната на фејсбук-страницата на вашата партија, во кој наведувате дека како партија се залагате за легализација на марихуаната, како и нејзино слободно користење на утврдени јавни простори и одгледување за свои потреби, се чувствуваме принудени да ви се обратиме директно вам, како претседател на Вашата партија. ‘Зелена алтернатива’ е граѓанско здружение коешто пред своето официјално основање, функционираше неколку години неофицијално на терен, работејќи директно со болни лица, помагајќи им да научат како сами да го дозираат канабисот и неговите екстракти спрема своите потреби и работеше на ширењето на знаењето за канабисот и неговите лековити својства, како и придобивките од истиот во полето на индустријата, екологијата и другите намени на ова благородно растение. По неколку години, во септември 2014 год. и официјално се формираше ‘Зелена алтернатива’, непрофитна организација, формирана како здружение на граѓани со избран претседател, Филип Достовски. Целта на оформувањето на ‘Зелена алтернатива’ беше да се продолжи со работата на терен, но истовремено да се почне и официјална соработка со странски и македонски институции со цел да се поттикне стручната и професионалната јавност да направи позитивни промени во областа на канабисот и здравјето на луѓето преку организирање советувања, семинари, дебати и јавни настани и со истото да се вклучи и граѓанскиот сектор во процесот на креирање и промовирање нови здравствени трендови во Македонија“, пишува во реакцијата на „Зелена алтернатива“ .
Тие ја потесетуваат јавноста дека досега здружението самостојно организирало пет семинари, главно на тема „Демистификација на канабисот” и една јавна дебата „Коноп: 1000 зошто, 1001 затоа” на кои можеле да се чујат предавања од еминетни странски научници и доктори на тема канабис.
„ На овие настани се овозможи директна комуникација, советувања и размена на мислења помеѓу јавноста и предавачите. Во септември 2016 година, во соработка со Македонската агенција за лекови ‘Малмед’ и со Министерството за здравство, здружението ‘Зелена алтернатива’ го организираше и симпозиумот на тема: ‘Легализација на медицинскиот канабис во Македонија’, кој воедно и претставуваше обука за македонските доктори за тоа што е канабис, што се екстракти од канабис и како се користат во медицината. Како гости на досегашните настани организирани од ‘Зелена алтернатива’ се наоѓаат бројни еминентни научници и доктори, врвни експерти од областа на канабисот, како човекот кој првпат стандардизирал канабис екстракт во светот специфичен за третирање на одреден вид болести д-р Пол Хорнби – Канада, молекуларниот биолог и специјалист за канцер д-р Роберт Џ. Меламед –САД, откривачот на анандамидот и еден од откривачите на ендоканабиноидниот систем д-р Лумир Ондреј Хануш – Израел, еден од водечките доктори на клиничките студии за Sativex и автор на многу наулни студии и трудови д-р Итан Русо – САД, докторот по фармакологија и специјалист за етноботанички растенија д-р Хозе Карлос Боусо – Шпанија, како и лекарите практичари кои директно работат со пациенти, д-р Џек Д. МекКју – САД, д-р Хавиер Педраза – Шпанија, д-р Илија Резник – Израел, д-р Јонас Вандерзван – Канада, стручњакот за меѓународно право и регулацијата на дрогите и контролираните супстанци, поранешен шеф на оделот за контрола на дроги при Обединетите нации (UNODC) Павел Пахта – Чешка, меѓу многу други. Покрај научниците и доктори, на семинарите и настаните организирани од ‘Зелена алтернатива’ учествуваа и бројни активисти за канабисот од светот и Балканот, меѓу кои и еден од најпознатите активисти од областа на канабисот и пропонент на медицинскиот канабис, Рик Симпсон, како и останати активисти од Словенија, Хрватска и Србија.“
Како една од последните активности на здружението „Зелена алтернатива” бил организирн настанот „Вечерно училиште со Зелена алтернатива” а на овој настан присутните лица, лица на кои им е потребен канабисот и оние кои сакаат да го користат, имале можност да научат како да одгледаат канабис за свои лични потреби и како со истиот понатаму да произведат екстракти за своја лична употреба, како и дозирањето на истите спрема своите потреби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

