Економија
(Видео) „Шкода“ го претстави новиот концепт Vision RS
Концептот на „Шкода“, Vision RS, свое деби ќе има на Париз мотор шоу годинава, кога чешкиот производител ќе го понуди првиот поглед на својот иден компактен автомобил, истовремено навлегувајќи во следната фаза на дизајнот за својот спортски RS-модел.
Пред светската премиера во октомври чешкиот бренд ги објави скиците со цел да го пренесе првиот впечаток за овој динамичен концептуален автомобил. Како дополнување, објавено е и видео кое илустрира како Vision RS се оформува во одделот за дизајн, предводен од главнот дизајнер, Оливер Стефани.
Дури и грубите скици откриваат дека клучен дел од концептот на возилото е аеродинамиката. Предницата е прецизно дефинирана, а тенките фарови дополнитно го истакнуваат динамичниот изглед. Во задниот дел доминира дифузерот и аеродинамично оптимизираниот покривен спојлер.

Шкода Vision RS е модел долг 4.356 милиметри и широк 1.810 милиметри, со висина од само 1.431 милиметри и меѓуоскино растојание од 2.650 милиметри.
Вклучувајќи јасни референци за моторни трки, овој автомобил всушност го претстави вкусот на следната фаза на дизајнот на моделите со RS-перформанси, базиран на 117-годишната традиција на „Шкода“ во мотоспортот. Комбинацијата на RS-буквите беше првично воведена во 1974 година за рели тркачките спортски автомобили 180 RS и 200 RS. Следејќи го успехот на 130 RS, стана познат низ целиот свет, а од 2000 година се користи за да се идентификуваат варијантите на перформансите на различните модели на „Шкода“.
Домот на „Шкода дизајн“ е вила изградена во 1890 година на брегот на реката Језера во областа Чесана во Млада Болеслав. Таа е дел од напредниот и цврсто чуван технолошки центар „Шкода ауто“, кој беше преместен во Чесана во 2008 година и повторно се модернизираше во 2015 година. Ова е местото каде што футуристичката технологија и традиција се среќаваат во идилична околина, со цел да создадат посебна атмосфера која ќе придонесе за креативна работа.
И токму тука е главниот дизајнер Оливер Стефани заедно со останатите 150 вработени од 26 земји, кои го развиваат јазикот на дизајнот на „Шкода“ од иднината. Вилата некогаш била приватна резиденција на текстилниот производител Франц Хилер. Во текот на 19 век локацијата за првпат стана куќа за производство на текстил. Производството на делови за возилата „Шкода“ пристигнало дури во средината на 20 век.
Во претставеното видео, камерата лета токму кон оваа „Дизајн вила“. Со снаодливи потези и инспириран од историскиот рели-шампион Шкода 130 RS, дизајнер седи во дворот на вилата скицирајќи атлетичен компактен автомобил на таблет, со прецизни, лесни линии и различни контури – тоа е шкода Vision RS.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.

