Македонија
Судот бара да биде разрешен Александар Даштевски зaшто Комисијата утврдила дискриминација на судијката Кацарска
Кривичниот суд до Собранието пред три дена доставило иницијатива за разрешување на Александар Даштевски, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, за нестручно и несовесно работење.
Причината за ваквото барање е известувањето од Комисијата до судот за утврдена дискриминација на обвинетата Гордана Јанкулоска во предметот „Тенк” од судијката Добрила Кацарска.
Претседателот на судот, Иван Џолев, рече дека тоа е преседан и апсурд во судската пракса, Комисија да утврдува дискриминација на судија.
„Не може судот да генерира дискриминација”, рече Џолев пред новинарите. Претставката, според Џолев, требало да ја испратат до Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Веќе е готов нов закон со кој се предвидува не само етничка туку и полова и секаква друга застапеност во институциите, уверува Таравари
Со нов закон ќе се гарантираат етничка, полова и застапеност во институциите на сите категории луѓе што живеат во државата, рече денес министерот за здравство, Арбен Таравари, по вчерашното укинување на балансерот за вработување во јавните институции. Тој нагласи дека Уставниот суд одлучил на површина да извади проблеми што стојат со години во судот во првите сто дена од Владата, но уверува дека и по укинувањето на балансерот, етничката застапеност е проблем што лесно може да се реши.
„Многу едноставно ќе се најде механизам, кога етничката припадност е уставна категорија, ни треба нов закон. Со законот ќе се предвидат не само етничката туку и половата и секаква друга еднаквост во институциите на системот. Законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења, кои доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија, и се надевам набргу ќе го процесираме овој закон во парламентот“, рече министерот Таравари.
Уставниот суд вчера го укина балансерот за вработувања и забрани во огласите за вработување да стои етничката припадност. Доцна синоќа на прес-конференција пред Уставниот суд, ДУИ оцени дека одлуката на судиите е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на државата. ДУИ ги повика сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат и ги осигурат граѓаните дека правичната застапеност ќе биде непроменета.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вчера, по укинувањето на балансерот, рече дека лага и манипулација е тврдењето дека Уставниот суд со одлуката укинал права на која било заедница. Тој укажа дека темелната и соодветна правична застапеност е во Уставот, постои, не може да стане збор за нејзино укинување и ги повика пратениците да најдат решение кое нема да биде противуставно.
„Апелирам до граѓаните, до државните органи, политичарите, ако навистина ѝ мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови и заложби за владеење на правото, за европски вредности, да ги усогласат со своите постапки. Секое дејстување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните, каква што беше и манипулацијата дека судот со своето постапување по ова или по кој било друг предмет може да ги наруши политичките, етничките односи или да биде повод за дестабилизација“, рече претседателот Костадиновски.
Меѓу другото, тој објасни дека балансерот е укинат оти како мерка, судејќи според многу извештаи, меѓу кои и извештаи на Европската комисија, место да обезбедува правична застапеност, со години веќе продуцира дискриминација оти дозволува помалку стручни кадри да добијат работни места во администрацијата само врз основа на етничка припадност.
Македонија
Директорот на Царинската управа од Софија: Силно сме посветени во остварување на заедничките цели во борбата со нелегалната трговија со дрога
Царинските управи имаат важна водечка улога за националната безбедност, но и меѓународната безбедност. Легалните аеродроми во моментов се таргет за криминалците, при што целта им е забранетите супстанци да стигнат на таргетираните аеродроми и потоа да ја дистрибуираат на разни пазари. Наша задача е преку зголемена соработка, размена на искуства и вложување во зајакнување на институционалните капацитети да ги сузбиеме криминалните мрежи.
Притоа фокус треба да ни бидат карго пратките земајќи ги предвид количините кои подлежат на контрола, како и повеќекратните чекори во синџирот на снабдување, истакна директорот Бобан Николовски на дводневниот настан за зголемување на регионална соработка и борба со трговијата со дрога по воздушен пат во организација на Групацијата за меѓународна соработка на Советот на Европа за дроги и зависности и националната Царинска агенција на Бугарија позната како Помпиду групација. Настанот беше организиран како дел од 10тиот состанок на Организацијата за соработка на аеродроми во Југоисточна Европа во рамки на Помпиду Групацијата (AIRSEE). На настанот учествуваа високи претставници на царински управи, гранични полиции, министерства за внатрешни работи, СЕЛЕК, како високи претставници од Групацијата за меѓународна соработка на Советот на Европа за дроги и зависности.
„Силно сме посветени во остварување на заедничките цели во борбата со нелегалната трговија со дрога преку зголемување на соработката, размена на знаења и искуства, заеднички обуки како и размена на разузнавачки информации во реално време“, рече Николовски истакнувајќи дека Царинската управа оди чекор напред при што имплементира системи со високо интелигентни аналитички функции, а како дел од определбата и цврстата решеност за побрза интеграција кон единствениот пазар на ЕУ.
Во рамки на настанот учесниците разменија искуства во делот на утврдување на процена на ризик и користење на интелигентни системи за сузбивање на криминалот.
Oд аспект на преземените активности како дел од постојаната борба со трговијата со дрога и други забранети супстанци по воздушен пат, Николовски го истакна случајот во кој царинските службеници на царинска испостава Меѓународен Аеродром Скопје спречија меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди за што беше добиено и признание од Светската антидопинг агенција.
Во рамки на настанот учесниците во Организацијата за соработка на аеродроми во Југоисточна Европа ја усвоија заедничката декларација со што се согласија да ја зајакнат улогата на Организацијата како регионална платформа за начин на дејствување, да се работи на развој на и усогласување на алатки и системи за подобрување на откривањето дрога на аеродромите во Југоисточна Европа, да се подобруваат оперативните капацитети преку специфични технички состаноци како и оперативните резултати поврзани со борбата против недозволена трговија со дрога преку навремена размена на информации, да се продолжи со спроведувањето на заедничките операции насочени кон недозволено снабдување со дрога и забранети супстанци, како и да се воспостават заеднички индикатори за идентификување на трендовите и ризиците на регионално ниво.
На маргините на настанот директорот оствари средби со директори и заменици директори на Царински управи од Југоисточна Европа, на коишто беше истакната потребата од зголемување на меѓусебната соработка со цел олеснување на легалната трговија и сузбивање на криминалот, но и унапредување на царинските постапки.
Скопје
Расчистени обемни диви депонии во општините Центар, Чаир и Бутел
Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 60 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Центар и Бутел.
Отстранети се 20 кубни метри отпад од обемна дива депонија лоцирана на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, како и големо количество органски отпад и отпад од картонска амбалажа на улицата Васил Ѓорѓов во населбата Капиштец, во општината Центар.
Воедно, во рамките на третата смена е расчистена и обемна дива депонија лоцирана во скопската општина Бутел, во непосредна близина на Прифатниот центар за поддржано живеење за бездомни семејства во населбата Визбегово, велат од Комунална хигиена-Скопје.