Македонија
Без струја делови на Чаир, Шуто Оризари, Аеродром, Кисела Вода и Петровец

Од „ЕВН Македонија“ информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– Од 9 до 15 часот корисниците на дел од улицата Че Гевара, улицата Македонско-косовска бригада со подулиците, како и дел од улицата Бутелски венец во општините Чаир и Шуто Оризари.
– Од 10.30 до 12.30 часот корисниците на дел од улицата Петар Ацев во општина Аеродром.
– Од 9 до 15 часот корисниците од с. Батинци, улиците 4, 6, и 7 во општина Студеничани.
– Од 9 до 11.30 часот корисниците од улицата Саса во Пинтија (делот околу училиштето) во општина Кисела Вода.
– Од 8.30 до 14.30 часот корисниците од населените места Дивље, Сушица, Чифлик, Коњари, како и фирмите „Живиње КУ“, „Прогрес“ и АЛЕМ во општина Петровец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради пожар, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Од таму додаваат дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 40 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Јанковиќ: ВМРО-ДПМНЕ штити милионски злоупотреби во Еразмус+, зошто в.д. директорката не е разрешена?

Молк во Владата по објавувањето на скандалот со милионските проневери во Еразмус+. Зошто в.д. директорката не е разрешена кога е потврдено дека била дел од истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами, праша Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Наместо да ја разреши и да побара одговорност, додаде тој, Владата молчи и ја остава на функција со што директно ја штити.
„Ова значи само едно: власта е фатена жива, со рацете во европските фондови. Затоа со очајни напади врз СДСМ ВМРО-ДПМНЕ се обидува да побегне од вистината. Но, од вистината нема бегање. Фактите се содржани во Извештајот на ОЛАФ кој е доставен до Јавното обвинителство. Постои основано сомнение за злоупотреби на над 2 милиони евра европски пари, идентификувани се повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ. Остануваат и сомнежите за тоа како се расределени над 8 милиони евра во периодот 2014–2017 година? Токму во тој период Ана Михајлов заедно со својата кумашинка Дорина Ѓорчева Митровска биле евалуаторки во Агенцијата. Улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“ и дали тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ останува да ги утврди Јавното обвинителство. И клучното прашање: во чии џебови завршија милионите евра европски пари? Очиглендо е зошто не се постапува. ВМРО-ДПМНЕ ги штити милионските шеми и злоупотреби во Еразмус+“, вели Јанковиќ.
Според него, за овој скандал решението е само едно – разрешување на в.д. директорката, итна и целосна кривична истрага за сите инволвирани во овие милионски злоупотреби на европски пари.
Македонија
Изложба на фотографии од балканскиот рис во Галичник: останати се уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид

Македонското еколошко друштво вчера во Галичник ја отвори изложбата на фотографии од балканскиот рис.
Изложбената поставка содржи 21 фотографија од балкански рисови фотографирани во Македонија, Албанија и Косово.
Пред присутните се обрати раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, кој објасни дека денес во дивината се останати уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид.
Многубројната публика го искористи присуството на тимот на Македонско еколошко друштво за да ги прошири своите знаења за балканскиот рис.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, следната година одбележува две децении постоење и посветена работа. Таа беше првиот поттик за систематско мониторирање и истражување на овој вид, со крајна цел да се обезбеди неговиот опстанок.
Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување.
Во хотел „Неда“ ќе биде достапна за посета до 31 август, а влезот е бесплатен. Изложбата има патувачки карактер, таа ќе биде претставена и во други места низ Македонија.