Македонија
Камбовски: МАНУ ќе се залага да не се преименува во Академија на науките на Северна Македонија
МАНУ ќе се залага да го задржи акронимот, без да се преименува во Академија на науките на Северна Македонија, вели академик Владо Камбовски. Според него, има простор за либерлано толкување на членот од договорот кој се однесува на кодовите и придавките на државните институции.
„Кога ќе дојде време за имплеметација на договорот, ние ќе се обидеме да дадеме доволно аргументи дека МАНУ, МНТ и Филхармонијата треба да ја задржат автономијата на употреба на терминот македонски. Точно, МАНУ има финансиска поддршка од државата, но се работи на реформи за деетатизација. Задржувањето на придавката нема да има штета за другата страна зашто тамошната Атинска академија не ја користи истата придавка“, порача Камбовски.
Академик Камбовски на реферат од 20-ина страници го изнесе својот став за договорот со Грција оценувајќи го како европски кој не ги загрозува идентитетот, јазикот и државјанството.
„Постигнатиот консензус за новото име е компромис меѓу стравот и надежта на двете страни: задржано е името Македонија, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ кој живее на нејзина територија, но додадена е географска одредница со која таа се разликува од северниот регион на Грција“, образложи Камбовски.
За него, договорот со Грција е добар пример и основа за склучување вакви договори и со другите соседени земји.
Неговите ставови не се заеднички и официјални на целата МАНУ, туку научни на Центарот за стратегиски истражувања при Академијата. Излагањата на Камбовски се во пресрет на утрешната научна расправа посветена на договорот од Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа средба меѓу претседателот на Собранието, Африм Гаши и претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, кој престојува во официјална посета на нашата држава по повод 30-годишнината од зачленувањето на земјата во Советот на Европа.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната поддршка што Советот на Европа ѝ ја дава на Северна Македонија од 1995 година, нагласувајќи дека тридецениското членство претставува потврда на трајната определба за човекови права, демократија и владеење на правото.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста на парламентарната соработка и на заедничките иницијативи што придонесуваат за поголема видливост на Советот на Европа во регионот.
Претседателот Гаши подвлече дека искуството стекнато преку Советот на Европа е од особена вредност за процесот на пристапување во Европската Унија и дека Собранието ќе продолжи да биде пример за транспарентност, дијалог и посветеност на европските стандарди.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.
Македонија
За еден месец 138 санкции за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01 до 31 октомври, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 138 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.

