Македонија
Општина Центар: ВМРО-ДПМНЕ со лаги и манипулации сака да ја деградира работата на градоначалникот Богдановиќ

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со изнесувањето лаги и манипулации со цел да ја деградира работата на општина Центар и на градоначалникот Саша Богдановиќ, се вели во реакцијата на Општина Центар на прес-конференција на советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васко Робовалиев.
,,Како што изјави на прес-конференција градоначалникот Богдановиќ, на улицата Капиштец, која е во должина од 400 метри, за првпат поставена е нова атмосферска канализација. Поставени се рабници во должина од 280 метри, реконструиран е коловозот со вкупна површина од 2600 метри квадратни и каблите од сите оператори се поставени под земја.
Наместо непродуктивни и некапитални вложувања во милионски споменици и фонтани, ова општинско раководство, предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ, редовно и навремено вложува во подобрување на уличната инфраструктура, со што се подобрува квалитетот на животот на граѓаните”, тврдат од општина Центар.
Како што се наведува во соопштението, досега, со летната акција за реконструкција на улиците на територија на општина Центар, завршени се ,,Бигла“, ,,Питу Гули“, како и улицата 171 во населбата Крњево, а во наредниот период ќе се реконструираат и ,,Димитар Пандилов“, ,,Ганчо Хаџипанзов“ и ,,Караорман“, а за првпат по 40 години се реконструира улицата ,,Ѓуро Ѓоновиќ“ во населбата Маџир Маало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Акција во мотел во Тетово: Приведено лице за проституција, повреден е полицаец

Полициски службеници од СВР Тетово спречија трагичен крај на млада девојка и истовремено приведеа маж под сомнение за посредување во проституција.
Интервенцијата се случила околу 14:35 часот, по пријава од лице со иницијали Л.К., кое пријавило недоразбирање со женско лице кое не сакало да го напушти мотелот. Кога полицијата пристигнала на терен, било утврдено дека девојката стоела на работ од прозорецот во собата, заканувајќи се дека ќе скокне или ќе се повреди.
По наредба на јавен обвинител, полицајците ја отвориле вратата со сила и успеале да ја спречат девојката во нејзината намера. Таа веднаш била пренесена во Клиничката болница во Тетово за лекарска помош.
Во акцијата, еден полициски службеник се здобил со полесни повреди.
Полицијата во меѓувреме го лишила од слобода Л.К. под сомнение за посредување во проституција. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Македонија
Ангелов ги замоли газдите на викендички да се заштитат од пожари: Со мотокултиватор или трактор нека изораат мек појас околу дворовите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, апелира сопствениците на викендички и куќи надвор од градските средини да преземат мерки за заштита од пожари.
„Ги замолуваме сите граѓани кои имаат викендички или куќи, реновирани куќи во напуштени или запоставени села, но и оние кои живеат во последните куќи во населбите и селата вклучително и оние околу градот Скопје, да ги исчистат своите дворови од вегетација. Нека изораат со мотокултиватор или трактор или веќе ако имаат трева таа нека биде одржувана и зелена, што е прилично тешко во месец јули во Македонија. Исто така и од надворешна страна на дворот нека изораат, нека има по неколку метри мек појас кој нема вегетација бидејќи од она што можеме досега да го видиме постои опасност никој да не биде поштеден од соочување со огнот“, рече директорот Ангелов и нагласи дека бројот на пожари што го имаме е навистина висок.
Во последното деноноќие се регистрирани вкупно 40 пожари. Од нив 33 се изгаснати, два се ставени под контрола, а пет се активни.
Македонија
Околу 500 невработени се пријавиле да гаснат пожари за 24.000 денари месечно, огласот истекува денес

Денес истекува огласот за владината мерка за справување со пожарите на кој се бараат 400 невработени за помош при гаснењето на пожарите низ земјава за 24.000 денари месечно. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во Скопје има малкумина пријавени.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територијата на државата. Нам ни беа потребни 400, за жал бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80. Денес истекува огласот, овие лица во наредните два-три дена ќе бидат контактирани, ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици. Некои до нив, особено оние во Дирекцијата за заштита и спасување ќе почнат со најмалку дводневна обука, период во кој е се изврши селекција на оние кои ќе можат да продолжат понатаму да се развиваат во насока на пожарникари“, вели директорот Ангелов.
Оние кои ќе се покажат како најдобри ќе добијат можност да бидат вработени во локалните противпожарни единици, а најдобрите меѓу најдобрите, пак, ќе можат да бидат дел од новата специјална единица на ДЗС. Директорот Ангелов вели дека по вработувањето, оние невработени кои ќе се покажат како најдобри меѓу најдобрите, ќе земаат поголеми плати и од пожарникарите.
„Специјалната единица ќе има повисока плата и од пожарникарите, затоа ќе бидат во помал број, но ќе бидат користени секаде онаму каде што е најтешко вклучително и на тешко пристапни терени каде што обичен човек или просечен пожарникар не би можел да се движи. Затоа што еден од приоритетите е да имаме луѓе кои се физички многу подготвени и можат да се пробијат секаде. Зборуваме за единица во која сите би биле помлади и физички поспремни за да можат да одговорат на најсложени задачи“, рече директорот Ангелов.
Сегашниот ангажман за 24.000 денари според него е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекцијата и да се изберат оние кои ќе бидат вработени во противпожарните единици во кои платите се над 40 илјади денари.