Македонија
Само две пратенички побарале пари за кирија, другите сакаат дневници и да патуваат до Скопје
Само две пратенички досега побарале да им бидат исплатени парични средства за кирија во Скопје, додека останатите пратеници бараат дневници за да патуваат до главниот град.
Пратеничката од Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, и пратеничката од Штип, од истата партија, Благица Ласовска, побарале да им биде исплатен надоместок од Собранието во висина од 400 евра за да изнајмат стан во Скопје.
Наемнината на стан е ново право што ќе можат да го користат пратениците, предвидено со измените на законот. Надоместок за закупнина на стан се предвидува за оние пратеници чие место на живеење е надвор од територијата на Град Скопје и доколку не користат надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели или надоместок за одвоен живот со семејството.
Ваквата можност се отвори пред две недели откако Комисијата за избори и именувања ги усвои одлуките за доделување паричен надомест од 400 евра за пратениците кои ќе одлучат да изнајмат стан во Скопје. Пратениците имаат избор или да изнајмат стан или, пак, да патуваат со намалените парични средства како надомест за патните трошоци. На оние пратеници кои ќе одлучат да изнајмат стан, ќе им бидат дозволени парични средства од буџетот на Собранието за патни трошоци само за викенди и празници.
На оние пратеници, пак, кои ќе одлучат да патуваат со свој автомобил, паричните средства за патни трошоци ќе им бидат намалени од 30 на 20 отсто, а патарините мора да ги плаќаат електронски, односно со новите картички што ги издава „Македонија пат“, или, пак, со сопствени картички за кои подоцна покрај фискалната сметка ќе мора до Собранието да поднесат и печатена потврда со потпис како доказ за платена патарина.
Од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата, кои не поседуваат стан или куќа во Скопје, треба да одберат дали ќе патуваат секој ден до работа со свој автомобил, за што ќе добиваат надомест за гориво во висина од 20 отсто и за патарина, или ќе закупат стан за што Собранието ќе издвои средства најмногу до 400 евра, а трошоците за гориво и патарина ќе им бидат покриени само за викенд и за празници.
Според пресметките на Собранието и тврдењата на пратениците, со ова драстично ќе се намалат средствата за патни трошоци за пратениците. Собранието пристапи кон менување и намалување на начинот за надоместување патни трошоци на пратениците, по повеќе написи и реакции на социјалните мрежи и изнесени суми кои ги зеле пратеници како од претходните собраниски состав, така и од актуелниот.
Промената на начинот на надоместување на патните трошоци во јавноста беше иницирано од СДСМ и владејачкото мнозинство, а поддржано од опозицијата откако во јавноста беа изнесени информации за енормно трошење средства од буџетот за патни трошоци. Некои пратеници по тој основ од Собранието земаа и над 10 000 евра за само неколку месеци. На одлуките им претходеше усвојување од страна на Собранието на измени на законите за пратеници и за плата и за други надоместоци на избрани именувани функционери.
„Макфакс“ годинава објави повеќе истражувачки стории со кои детално го истражува и анализира проблемот со патните трошоци на пратениците. Во првата сторија објавивме дека пратениците и од новиот состав земаат по најмалку 10-12 илјади евра за патување до своето работно место, а потоа го анализиравме и системот според кој Собранието ги прави пресметките за патни трошоци. Пред неколку месеци објавивме нови податоци според кои за само шест месеци одредени пратеници повторно направиле патни трошоци од над 10 илјади евра, и тоа за првите пет месеци од годинава, како и последниот месец од 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

