Свет
Гутереш: Климатските промени се побрзи од нас, мора да реагираме до 2020 година
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антониот Гутереш, предупредува дека светот се соочува со директна егзистенцијална закана и дека мора бргу да ја намали зависноста од фосилни горива до 2020 година за да не излезат од контрола климатските промени.
Првиот човек на светската организација нагласува дека се работи за кризна ситуација која итно треба да се реши укажувајќи на недостиг од лидерство во борбата против глобалното загревање.
„Климатските промени се движат побргу од нас. Мораме да ги спречиме смртоносните емисии на гасови со ефект на стаклена волна и да поведеме акција за заштита на климата“, порача Гутереш.
Според него, луѓето во светот доживуваат рекордни температури, а екстремните бранови на топлина, шумски пожари и поплави оставаат трага на смрт и пустошење.
Гутереш потенцира дека и научниците со години предупредуваат на глобалното затоплување, но дека далеку повеќе лидери одбиваат да ги послушаат, а далеку помалку од нив дејствуваат со визија каква што бара науката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени две млади момчиња: планирале напад со нож на верници во синагога во Германија
Германските власти денеска соопштија дека уапсиле двајца мажи осомничени дека планирале напад со нож врз верници во синагога во Хајделберг, на југозападот на земјата.
Осомничените, на возраст од 24 и 18 години, беа приведени за време на одделни полициски операции во покраината Баден-Виртемберг на почетокот на овој месец, соопштија државните обвинители и полицијата, пренесе АП.
Тие разговарале за убиство на еден или повеќе верници во напад на синагогата, по што ќе следуваше нивна „маченичка смрт“, а сакаа полицијата да ги убие, се вели во заедничкото соопштение на германските власти.
Осомничените се соочуваат со обвиненија за заговор за убиство.
Полицијата го открила заговорот со претрес на домот на повозрасниот осомничен на 3 мај.
При претресот, полицаецот пукал и ранил еден од осомничените откако се фатил за нож.
Доказите запленети за време на претресот вклучуваат размена на онлајн пораки меѓу двајцата осомничени во април, во кои тие разговарале за можен напад на синагогата, соопштија властите.
На 18 мај полицијата го приведе помладиот осомничен и изврши претрес во неговиот стан.
Двајцата осомничени се германски државјани, а 18-годишникот има и турско државјанство, соопштија властите.
Нивните имиња не се објавени.
Германските лидери предупредија на ризиците од напади врз Евреите и го осудија порастот на антисемитизмот по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
Регион
Шефот на хрватската дипломатија: Реакцијата на раководството на Србија покажува дека се далеку од соочување со минатото
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман денеска оцени дека реакцијата на српското раководство на резолуцијата за Сребреница покажува дека земјата е далеку од соочување со своето минато, пренесуваат медиумите во регионот.
Тој посочи дека резолуцијата не прогласува ниту една нација за геноцидна, освен дека ОН се обврзаа да го одбележат тој настан, пренесе агенцијата „Хина“.
„Оваа резолуција се стреми да придонесе за да се осигури дека злосторството геноцид никогаш никаде нема да се повтори“, рече Грлиќ Радман.
Тој додаде дека меѓународните судови утврдиле дека во Сребреница се случил геноцид и дека Србија не го спречила тоа злосторство да се случи ниту ги казнила неговите извршители.
Европа
Филипинка се породила на крузер и го сокрила бебето: тоа починало
Истражен судија во Гросето, Италија го отфрли обвинението за убиство против Чан Џенсел Пиа Салахид, 28-годишна Филипинка која се породила на бродот за крстарење „Сребрен шепот“ на 17 мај, а потоа беше уапсена за смртта на детето.
Истражниот судија го потврдил приведувањето, а младата жена останала во затвор, но под обвинение за напуштање дете со смрт. Нејзините двајца колеги, кои ја делеле кабината со неа и кои исто така биле уапсени поради смртта на бебето, биле ослободени.
Тие и помогнале да се породи и биле соучесници во прикривањето.
Како што пишува „Rai News“, по добивањето на резултатите од обдукцијата, судот ги отфрли обвиненијата за убиство. Засега не се знае за што точно ќе биде обвинета жената освен за напуштање на детето.
А, таа цело време пред истражителите, според италијанските медиуми, тврдела дека не сакала да го убие својот син, кого го нарекла Тејлор.
Само се плашела дека ќе остане без работа, па го сокрила. Секогаш кога можела, доаѓала да го дои, според исказите. Бебето го оставала во плакарот со подотворена врата за да не падне од креветче и никој да не го види или слушне неговиот плач.