Регион
Косовската опозиција со писмо до Могерини: Не поддржуваме корекција на границите
Опозициските партии во косовското собрание до високата претставничка на Европската Унија, Федерика Могерини, упатија писмо во кое се противат на корекцијата на границите.
Во писмото што го испратија Демократскиот сојуз на Косово, движењето Самоопределување, Социјалдемократската партија и Алтернативата се бара финалниот дел од дијалогот со Србија да се заснова на јасни принципи и јасна рамка.
„Одговорност на косовското собрание е да усвои платформа за дијалог со двотретинско мнозинство за да се обезбеди легитимитет на процесот. Секој друг начин е предодреден на неуспех“, се наведува во писмото упатено до Могерини.
Понатаму, се оценува дека целосна нормализација на односите со Белград може да се постигне само со меѓусебно признавање.
„Конечниот договор со Србија треба да му овозможи на Косово итно вклучување во меѓународните организации, пред сè, Обединетите нации, како и да го отвори патот за вклучување на земјата во ЕУ и НАТО“, се наведува во писмото.
Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти, напиша на својот профил на „Фејсбук“ дека во писмото е изразено незадоволство на опозицијата, која, како што вели, го претставува противењето на 60 отсто од граѓаните на Косово за размена на територии или корекција на границите.
„Оваа идеја нема да добие поддршка и секој договор од кој произлегува од вакви идеи нема да биде поддржан“, наведе Хоти на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пленковиќ: По Хрватска, можеби е време некој друг да ѝ се приклучи на ЕУ
За разлика на претходните европски комисии, сегашната има вистинска политичка волја за проширување на Европската Унија, изјави денес во Загреб хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ додавајќи дека е можна некаква одлука до 2030 година ако некои кандидати се технички подготвени.
„За разлика од Комисијата на (Жан-Клод) Јункер или првиот мандат на Урсула фон дер Лајен, кога не чувствував искрена политичка волја во центарот на политиката во Брисел за постигнување проширување за која било земја кандидат, овој пат морам да признам дека атмосферата е малку поинаква“, рече Пленковиќ на Вториот годишен самит на Хрватска.
„Можеби е време некој друг да ѝ се приклучи по Хрватска“
„Овој пат можеме да ја почувствуваме политичката волја во извршната власт на ЕУ, дури и кај повеќето земји членки, дури и кај големите, дека можеби е време некој друг да ѝ се приклучи по Хрватска, која се влезе на 1 јули 2013 година“, додаде Пленковиќ.
Комисијата би сакала да отвори преговарачки кластери со Украина и Молдавија до крајот на оваа година. Сепак, земјите членки одлучуваат за ова едногласно. Досега нема таква едногласност бидејќи Унгарија остро се спротивставува на членството на Украина во Унијата, анализираат медиумите.
Хрватскиот премиер потсети дека постојат две групи земји кандидатки: Украина и Молдавија во едната група, а земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан во другата група, и ја посочи Црна Гора како лидер. „Мислам дека би можеле, ако успеат да бидат технички подготвени, да имаме политичка одлука за некои пред 2030 година“, рече Пленковиќ.
Сепак, тој ги повтори своите тврдења дека апсорпцискиот капацитет на блокот ќе биде клучен за динамиката на проширувањето осврнувајќи се на четвртиот Копенхашки критериум од 1993 година, кој се однесува на буџетските трошоци за проширување и на влијанието на новите членки врз односите меѓу земјите што придонесуваат и оние што го користат.
„Речиси 80 проценти од европскиот буџет, всушност, го полнат 10-те најбогати земји на Унијата, а приближно 20 проценти одат за сите други односи. Побогатите земји, основачите, големите силни економии, не се нужно возбудени што помалите земји, кои многу малку придонесуваат, седнуваат на маса и во суштина одлучуваат за главните политики еднакво, особено кога станува збор за прашања каде што е потребна едногласност“, рече премиерот.
Тој потсети дека Германија, Франција и Италија еднаш се откажаа од двајца комесари во Комисијата во корист на проширувањето.
„А сега тие имаат ист број влијателни луѓе како и земјите што многу малку придонесуваат. Затоа процесот на донесување одлуки и буџетските импликации се во срцето на процесот на проширување“, објасни тој.
Фото: ЕПА
Регион
Лукас: Половина Србија се дружи со Ориќ, нема да остапам ни милиметар пред Додик
Српскиот пејач, Аца Лукас изјави дека доживеал неравда по објавената фотографија со Насер Ориќ и дека „нема да отстапи ниту милиметар“ пред Милорад Додик, кој му го забранил концертот на Јахорина.
За „Аваз.тв“ кажа дека фотографијата погрешно се толкува и дека прв пат го видел Ориќ. Лукас истакна дека не знае дали концертот во Сараево му бил забранет поради неговата претходна поддршка на Додик, додавајќи дека „половина Србија и Република Српска се дружат со Ориќ“.
Откако Олимпискиот центар Јахорина официјално го откажа неговиот настап, Додик изјави дека Лукас „го изгубил кредибилитетот за секое идно гостување во РС“. Лукас му возврати дека тој не барал поддршка од Додик, туку обратно, и дека повторно ќе настапува на Јахорина.
Пејачот нагласи дека нема намера да се извинува за нешто што, според него, е преголема реакција и пример за двојни аршини.
Тој додаде дека не бил свесен кој седел до него кога е направена фотографијата и дека не сака да прави поделби по национална основа, туку „луѓето ги дели на добри и лоши“.
Лукас оцени дека целата ситуација е политички мотивирана, дека никого не навредил и најави правни чекори поради забраната за настапот.
Регион
Бугарската влада го повлече предлог-буџетот по масовните протести
Бугарската влада соопшти дека ќе го повлече контроверзниот предлог-буџет за 2026 година по масовните протести во главниот град Софија и во други градови низ земјата.
Десетици илјади луѓе учествуваа на протестите против предложениот буџет, за кој рекоа дека се обидува да прикрие широко распространета корупција во владата.
Некои демонстранти, со маски на лицата, се судрија со полицијата, претходно напаѓајќи ги просториите на владејачката конзервативна партија ГЕРБ, како и на партијата ДПС во Софија.
Владата сега соопшти дека ќе се откаже од предлогот, кој предвидуваше и повисоки даноци.
И минатата недела имаше протести, кога владата го достави предлогот до парламентот.
Буџетот за следната година ќе биде првиот што Бугарија ќе го усвои во евра, бидејќи земјата на 1 јануари се приклучува кон еврозоната.
Јавното мислење околу усвојувањето на еврото е поделено, а некои се плашат дека тоа може да предизвика висока инфлација во една од најсиромашните земји на Европската унија.
Протестите против корупцијата во власта се чести во Бугарија, со оглед на тоа што од 2020 година земјата ја водат краткотрајни влади.
Се проценува дека протестот синоќа бил најголемиот во Софија во последните години.

