Македонија
Османи-Бушати: Албанија ќе ѝ помогне на Македонија на патот кон ЕУ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се сретна со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати.
„Двете земји добија јасна и прецизна временска рамка за почеток на преговорите со Европската Унија во јуни в година вклучувајќи јасни и прецизни насоки и забелешки за успешност на тој процес, што претставува дополнителен поттик за зајакнување на и онака добрата соработка меѓу двете земји“, истакна Османи.
Тој додаде дека од Бушати добил уверување оти Албанија како земја членка на НАТО ќе ја искористи оваа позиција за да ѝ помогне на земјата на патот кон нејзиното полноправно членство во Северноатлантскиот сојуз.
Во рамките на средбата двајцата соговорници се согласиле активно да ја поддржат и трилатералната иницијатива за регионот на Преспа на еврокомесарот Јоханес Хан, со која трите земји, Македонија, Албанија и Грција, ќе ги отворат локалните граници и ќе ја поддржат програмата за заштита и развој на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Времето во наредните денови: променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне наместа ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Утре и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Истрага против турски државјанин за обид за убиство во Скопје: со метален капак од шахта повеќе пати го удирал оштетениот во глава

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Ноќеска по полноќ на улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја.
Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.