Свет
Норвешката полиција го најде кајакот на исчезнатиот соработник на „Викиликс“
																								
												
												
											Норвешката полиција во четвртокот соопшти дека нашла кајак за кој веруваат дека му припаѓал на соработникот на „Викиликс“, кој исчезна во мистериозни околности пред три недели, пренесува „Локал“. Полицијата објави фотографија на бел преклопен кајак за кој веруваат дека холандскиотк експерт за сајбер-безбедност, Арјен Кампуис, го купил пред да замине на одмор во Норвешка.
Кампхуис не е виден откако го напуштил својот хотел во северниот норвешки град Бодо на 20 август. Неговото исчезнување предизвика серија теории на заговор на социјалните мрежи, почнувајќи од вмешаност на ЦИА и на Русија до мисија за таен проект на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Сепак, полицијата соопшти дека испитува три теории: доброволно исчезнување, вклучувајќи го и можното самоубиство, несреќа или криминал.
„Викиликс“, кој објави тајни американски воени документи и дипломатски телеграми во 2010 година, го нарече исчезнувањето на Кампхуис чудно.
Во изјавата од четвртокот полицијата соопшти дека сè уште ги држат отворени сите можности во однос на тоа што можело да се случи со исчезнатиот човек. Во средата тие рекоа дека рибар пронашол дел од личните работи на Камхуис во водите на 50-ина километри источно од Бодо.
Полицијата поради тековната истрага не објасни какви предмети се најдени, но норвешката телевизија „ТВ 2“ објави дека меѓу нив биле личните документи на Камхуис. Кајакот беше пронајден во истата област како и предметите и полицијата продолжува со пребарувањето.
Кампхуис имал билет за авион, но не се качил на летот на 22 август од Тронхем до Холандија. Телефонот поврзан со Камхуис беше накусо вклучен во близина на југозападниот град Ставангер, кој се наоѓа на 1.600 километри од Бодо на 30 август, но полицијата не можеше да потврди кој го користел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Свет
Гренланд го менува својот облик и се движи кон северозапад
														Додека климата брзо се менува, Гренланд, најголемиот остров во светот, буквално го менува својот облик. Неговата почва се извиткува, се движи и се крева, како да дише со планетата.
Новите податоци од научниците покажуваат дека мразот што се насобрал и неговото постојано топење влијае не само на нивото на морето, туку и на темелите на островот.
Во свет на кој сè повеќе му снемува мраз, овие деформации би можеле да имаат длабоко влијание врз иднината на регионот, пишува „Science Alert“.
Според истражувањето спроведено од меѓународен тим научници предводен од Техничкиот универзитет во Данска (DTU), Гренланд физички се менува на начин што би можел да има последици за иднината на навигацијата во околните води. Во текот на 20 години, научниците следеле 58 специфични точки низ територијата на островот, анализирајќи ги сателитските GPS мерења, кои откриле дека копнената маса на островот се движи кон северозапад со просечна брзина од околу два сантиметри годишно. Сепак, движењето не е униформно: на некои места Гренланд се шири, додека на други се намалува.
„Севкупно, ова значи дека Гренланд станува малку помал, што би можело да се промени во иднина“, објаснува геофизичарот Данжал Лонгфорс Берг од ДТУ.
Фото: принтскрин
Свет
Систем на пробен период за земјите што во иднина ќе станат членки на ЕУ; ЕК во страв од тројански коњ на Русија во рамките на Унијата
														Европската комисија разгледува воведување систем на пробен период за земјите што во иднина ќе станат членки на Европската Унија, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Според неа, овој механизам би се однесувал и на Украина и на Молдавија, како и на сите други земји што сè уште не се приклучиле на Унијата. Во текот на неколку години по пристапувањето во членството, на новите држави би можеле да им бидат ограничени правата, па дури и суспендирано членството, доколку не ги исполнат стандардите и обврските пропишани од Унијата.
„Новиот систем би овозможил континуирано следење на усогласеноста со европските стандарди за владеење на правото и функционирањето на институциите“, рече Кос нагласувајќи дека целта не е да се создадат двојни членки на ЕУ, туку да се заштитат кредибилитетот и стабилноста на европскиот проект.
Таа додаде дека во Брисел постои страв дека некои нови членки, доколку не поминат низ темелен процес на верификација по влезот, би можеле да станат тројански коњ на Русија во рамките на Унијата. Поради оваа причина, Европската комисија подготвува сет нови правила што би овозможиле привремено ограничување на правото на глас или финансиски средства во случај на сериозни отстапувања од европските вредности и политики.
Предлогот е дел од поширока реформа на процесот на проширување на ЕУ, која има цел да ја балансира геополитичката потреба за прием на нови земји со барањето за зачувување на функционалноста и единството на самата Унија, пренесуваат медиумите.
Фото: принтскрин
Свет
Почина поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни
														Почина Дик Чејни, поранешен шеф на кабинетот на Белата куќа, конгресмен, секретар за одбрана и потпретседател на САД, потврди неговото семејство. Имаше 84 години.
Тој беше помошник во Белата куќа под Ричард Никсон, шеф на кабинетот под Џералд Форд, секретар за одбрана под Џорџ Х. В. Буш и потпретседател за Џорџ В. Буш.
Почина од компликации од пневмонија, соопшти неговото семејство.
Чејни беше еден од најполаризираните потпретседатели во американската историја под Џорџ В. Буш и водечки застапник за инвазијата на Ирак.
Во подоцнежниот живот тој стана цел на Доналд Трамп, особено кога ќерка му Лиз Чејни стана водечки републикански критичар на обидите на Трамп да остане на власт по изборите во 2020 година и нападот врз Капитол.
„Во 246-годишната историја на нашата нација никогаш не постоела поголема закана за нашата република од Доналд Трамп. Тој се обиде да украде избори користејќи лаги и насилство за да остане на власт откога гласачите го отфрлија. Тој е кукавица“, рече Чејни во телевизиска реклама за својата ќерка.
Минатата година тој објави дека ќе гласа за Камала Харис, демократската претседателска кандидатка против Трамп.
Дик Чејни преживеал пет срцеви удари и во 2013 година рече дека се буди секое утро „со насмевка на лицето, благодарен за дарот на уште еден ден“.
Во соопштението од неговото семејство се вели: „Со децении Дик Чејни ѝ служеше на нашата нација, вклучително и како началник на кабинетот на Белата куќа, конгресмен од Вајоминг, секретар за одбрана и потпретседател на Соединетите Американски Држави. Дик Чејни беше голем и добар човек, кој ги научи своите деца и внуци да ја сакаат нашата земја и да живеат живот исполнет со храброст, чест, љубов и љубезност.
Неизмерно сме благодарни за сè што Дик Чејни направи за нашата земја. И неизмерно сме благословени што го сакавме и бевме сакани од овој благороден џин од човек“.
Фото: ЕПА

